Русија во вторникот соопшти дека нејзините војници зазеле над 100 квадратни километри територија и 12 населени места во нејзиниот регион Курск, како дел од офанзивата за принудување на украинската армија да се повлече од западна Русија, објави Ројтерс, пренесува ЦИВИЛ Медиа.
„Единиците на групата сили Север ослободија 12 населени места за време на офанзивата… и повеќе од 100 квадратни километри од територијата на областа Курск“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Рускиот напредок, кој следува откако Трамп ја суспендираше американската воена помош за Украина и споделувањето разузнавачки информации со Кијив, се заканува да опколи илјадници украински војници токму додека Украина разговара со највисоките американски дипломати во Саудиска Арабија во вторник.
Највисокиот украински генерал во понеделникот изјави дека украинските трупи кои се борат во Курск не се изложени на ризик од опкружување, и покрај неодамнешната контраофанзива на руските сили во која беа вклучени и севернокорејски трупи.
Генералот Олександр Сирскиј рече дека ситуацијата е под контрола, но посочи дека украинските сили се повлекуваат.
„Единиците преземаат навремени мерки за маневрирање на поволни позиции за одбрана“, рече тој.
Рускиот напредок во Курск и внатре во Украина, во комбинација со промената на политиката на САД за Украина и Русија од страна на Доналд Трамп, ги зголеми стравувањата кај европските лидери дека Украина ќе ја изгуби војната и дека Трамп и го врти грбот на Европа.
Руските специјалци изминатиот викенд се провлекоа со километри низ гасовод во близина на градот Суџа, во обид да ги изненадат украинските сили во Курск.
Ројтерс не можеше независно да ги потврди извештаите на бојното поле од која било страна поради ограничувањата за известување на фронтот.
Драган Мишев / Цивил Медиа