На Фронтлајн, во сабота, го претставуваме романот „Кругови“ издание: „Или-Или“ на авторката Тина Иванова.
Ова е современа книга – новела која обработува неколку ликови коишто живеат надреален живот, меѓутоа чие поведение, е поттикнато од објективните општествени, политички и социо-културни случувања. Нејзината кружна симболика потекнува од ликовите коишто тргнуваат од едно место и повторно се враќаат на истото тоа место, без притоа да ја остварат целта што си ја замислиле – да ја изживеат сопствената револуција.
Како што ќе напише рецензентот на оваа книга, д-р Александар Прокопиев, „она што го одликува кусиот роман ‘Кругови’ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот. Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на ‘Кругови’ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза“.
„Кругови“, затоа што асоцира на почетокот и на крајот на животот, на повторното раѓање и повторно умирање.
4 ДЕЛ
БЕТОВЕН И ИГИ
Светот помеѓу. Мртвите и живите заедно. Бетовен и Иги Поп седат на клупа пред фонтаната сместена во дворот на Соборниот храм. Бетовен зачудено гледа во рацете на Иги кој рола џоинт. Иги е полунасмеан и полугол, онаков како кога е качен на концертна бина, со своето остарено, но жилаво и мускулесто торзо, црни фармерки и цокули. Бетовен е облечен во бела кошула, црн капут и црешово црвен шал.
Иги: „Што гледаш бе Лудви? Се чудиш, а? Е, во твое време немаше вакви убавини. Всушност, вие пиевте многу. Па, ти не умре од тоа бе? Нешто цироза од алкохол, нешто такво слично, а? Сакаш?“
Бетовен: „Не ви студи, господине?“
Иги: „Не човече, самата помисла за ова џоинтов некако ме грее. Чекај да го запалам па ќе видиш!“ Повлекува страсно. „Земи бе па и ти, на! Нема да умреш ако пробаш! Башка од ова не се умира како од алкохол. Ова ти е здравје човече. Ти ги проширува алвеолите на плуќата, имаш повеќе простор за чист воздух!“
Бетовен: „Не знам. Се мислам. Дајте ајде!“
Се обидува да повлече, ама со страв, не повлекува до крај. По неколку недоволно успешни повлекувања, успева некако.
Иги: „Ти не беше глув бе?“
Бетовен: „Не господине. Тоа ми го измислија за да ме исфрлат од имотот на улица, како куче. Полуглув сум.“
Иги: „Еј, куче… Знаеш дека имам една песна ’I wanna be your dog‘? Еее, тоа беа добри времиња човеку…“
Бетовен: „Чуден наслов.“
Иги: „А, бе сум слушал ја за тебе. Нешто си мразел луѓе, чуден фраер си бил. Ама добра ти е музиката. Онаа ’Ода на радоста‘. Тоа ти е ремек-дело.“
Бетовен: „Не, господине. Луѓето ме мразеа мене. Мислам дека беа завидливи. Жените многу ме сакаа. Ми велеа дека сум грд, но многу привлечен“.
Иги: „Еј, човече, знаеш дека мене ме прогласија за најгрд меѓу познатите? Со Донатела Версаче, замисли. Таа после мене. Ја прв!“
Бетовен: „Не, господине. Вие мене ми изгледате навистина убав. Вашето торзо дури и ме привлекува. Остарено е малку, ама имате став на маж, на вистински маж!“
Иги: „Што ти е бе на тебе? Будала! Ти педер да не си?! Сите вие сте педери, знаев дека си и ти. И ти и оној како се викаше, од твојата бранша бе, Чајковски. Ееее, тој Чајковски ја заеба историјата. Да видиш сега каква храброст имаат ова педериштава. Секаде ги има. Како мравки се накотија!“
Бетовен: „Господине, не знам за што зборувате, ама ми изгледате многу нервозен“.
Иги му удира клоца на Бетовен, овој паѓа на земја и почнува да плаче. Од црквата излегува еден нервозен поп.
Попот: „Бегајте бе оттука наркоманчишта едни, од таквите како вас никој не влегува во црквава. Марш, да не ве видам повеќе овде! Сам си останав. Се чудам зашто со денови никој ни зејтин не донел!“
Бетовен: „Ви реков да не се нервирате. Што рече оној? Не го дослушнав, ама по ликот сфатив дека нешто се налути?“
Иги: „Нè избрка човече, што може да рече…“
Бетовен и Иги, со громогласна смеа која прејде во залез, заминаа накај бензинската на „Орце Николов“. Ги стигна џоинтот. Се чини, станаа добри пријатели.
Еден возрасен човек и малечко девојче, можеби дедо и внука, лижат сладолед.
Бетовен: „Еј, па тоа е мојот пријател, кнезот Карл вон Личновски. Што ли прави? Што внесува во грлото?“
Иги: „Лиже, хахаха…, едно гооолемо чудовиште.“
Бетовен: „Личи на растечен колбас, хахаха… Карл, Карл!“
Довикувајќи го Карл, Бетовен го удира автомобил додека ја преминува улицата затрчан кон дедото. Умира на самото место.
Иги: Види го, пак умре. Знаев дека секако ќе умреше. И ваму и таму. И тогаш и сега. Во исто време, хаха…
Силниот ветер му ја турна високата бело-црвена шапка на Карл која ја ставаше само кога играше улога на сладоледџија. Косата му го откри лицето. Миро се смееше зад него. Го гледав од прозорецот, ме виде и тој, се заврте кон бензинската и седна со ликот кон едно дрвце. Го гушна со скаменет потсмев, но задоволен.
„Мртвите и живите не знаат да живеат заедно, не залажувај се“, ѝ велеше Миро на мајка ми. Не директно, се разбира, гледаше во книгите, ама секоја негова мисла беше стрелана кон неа.
„Но“, му рече таа, „јас ја имам Марта во мене, не ми треба друго, сè уште ја носам во утробата, ја допирам, срцето ѝ го слушам“.
Кога Миро ѝ се смееше, на мајка ми ѝ се повраќаше од смрдеата на неговиот здив. Беше продорен, како да доаѓаше од некоја мрша и се лепеше за секое парче облека. „Жено, ти не си сама, но не си со мртвите, има време за тоа, ќе се мачиш уште. Имаш да даруваш и на други, почекај ќе видиш“.
Ех, кутриот Иги, замина така, со фрапантен отвор на очите, се прашуваше дали сонувал или јавето се поместило од своите рамки. Се прашуваше дали Карл е Кербер или самиот Тој, дали навистина се случила дружбата со Бетовен, или тоа е само неговата опседнатост од неговата Деветта. Го демнеа така Иги безброј прашања додека го наметнуваше црниот капут на другар му Лудви, летајќи кон Америка.