Како дел од програмата на четвртото издание на Фестивалот на комедијата „5РЕ“ вечер во 20 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе се одржи проекција на филмот „Мис Стон“ (1958) на режисерот Жика Митровиќ. Проекцијата е овозможена од Кинотеката на Македонија, за прв пат во Велес ќе се прикаже дигитално реставрирана копија на овој омилен филм на многу генерации.
Бидејќи фестивалот е посветен и инспириран од ликот и делото на легендарниот актер Петре Прличко, од Кинотека потенцираат дека публиката ќе се потсети на неговата незаборавна улога во филмот – ликот на комитата Мандана. Овој шегобиец, филозоф, мудрец и стар, прекален борец ја има една од најпопуларните реплики во историјата на македонскиот филм, во сцената кога во четата на Јане Сандански, Катерина го раѓа бебето, симбол на македонската борба за слобода. Мандана понесен од возбуда, ќе му посака на мелечкото: „Ај да ми бидеш живо и здраво детуле. Да пораснеш големо. На лице бело и црвено, како тетовско јаболко. На снага – вита ела пиринска. Грлото бисер да ти рони. Гласот да ти биде како на славејче. Славејче наше убаво. И, кога еден ден ќе гледаш во големото сино небо и ќе слушаш славеј – спомни си за нас. Спомни си ја четата во која си се родило. Таа чета, ангелче, се бори за твојата слобода…“.
Инаку филмот „Мис Стон“ е првиот македонски игран филм снимен во колор и во тоталскоп техника, со Петре Прличко, Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Марија Тоциновски, Драган Оцоколиќ, Дарко Дамески, Драги Костовски, Вукан Диневски и многу други во улогите на комити, мисионери, турски аскер, револуционери, селани…
Во 1959 година, за улогата на Манданата, Петре Прличко ја добипрестижната „Златна Арена“ на фестивалот во Пула.