Пишува: ЕЛИЗАБЕТА СЕКИРАРСКА
Социјалниве мрежи се навистина ужасни.
Толку токсични, толку онечовечени, толку полни со некултура, неписменост, озабеност, тапост, невидена осиленост во изразувањето, без рачна сопирачка и во сосема слободен формат – навреди, дисквалификации, омаловажувања и плукања на се што мрда, а особено на интелектуалци и луѓе кои и имаат, и умеат што да кажат. Сето тоа од луѓе кои се едвај во состојба да состават реченица, човече.
Невидена самобендисаност, многу блиску до границата на безобразие, поттикнато од позицијата на моќ.
Масовна амнезија за сето она што донесе кошмар и длабоко го етаблираше во секоја сфера на општественото живеење.
Во секој дом.
Оваа почва од тоа си пати, да ви кажам.
Си боледува и се чини, нема простор за оптимизам дека некогаш, оваа сериозна деформација може да се поправи. Напротив, внимателно се негува, билда и полека станува единствениот начин на однесување, по кој стануваме препознатливи.
Почва на озабен простотилак, облечен во безбедна и несанкционирана енергија, која многу лесно се мултиплицира.
Туга, да.