Во Собранието попладнево продолжи расправата за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратеничката група на Левица. Како и во претпладневниот дел од расправата, беа упатени барања за оставка на Тошковски, која, беше посочено, е клучна за да излезе правдата на виделина.
Во процедурална забелешка, Борислав Крмов од Левица обвини дека намерно се развлекува дебатата бидејќи паузата што ја побара координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски за да се одржи средба на Тошковски со родителите на загинатите во пожарот во Кочани, траела 2 часа и 20 минути, наместо еден час како што било најавено.
Славјанка Петровска од СДСМ го праша Тошковски дали и по средбата со родителите на загинатите во пожарот се уште е убеден дека не треба да си поднесе оставка.
Трагедијата во Кочани точно е дека е резултат на системски пропусти, ама системот, колеги, има име и презиме или имиња и презимиња и тоа токму на денот на трагедијата. На денот на трагедијата вие министер лично и дел од раководството на Министерството за внатрешни работи покажавте дека не се водите по правото и по законите, туку по основ на брат, братучед, партиски другар и партиска наредба, истакна пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска при обраќање на собраниската седница, посветена на интерпелацијата на министерот за вантрешни работи Панче Тошковски.
Петровска нагласи дека Тошковски, како искосен правник, долгогодишен адвокат ги познава законите, особено Законот за внатрешни работи и Законот за полиција, но свесно на денот на трагедијата не посочи одговорност во Министерството за внатрешни работи.
Напротив, ги заштитивте тие кои се прво повикани и кои во најмала рака го прекршиле ова што предмалку го прочитав, а го прочитав од закон, не од политички памфлет, не од партиско соопштение, туку од законот за полиција. Според вас полициски службеник кој е пензиониран пред две-три години е виновен за тоа што се случи во Кочани, ама актуелните началници, оние пред да ги разрешите тие не биле виновни. Не знаеле што им се случува на територијата на подрачјата за кои по закон се должни да знаат и истото да го спречат, нагласи Петровска, додавајќи дека на денот на трагедијата и деновите потоа Тошковски свесно оддавал службена тајна од истрагата на лице кое не е овластено и му ги направил достапни информациите од истрагата кои беа злоупотребени се злоупотребувала до денес за политички цели.
Еве со ова вие ја контаминиравте и ја попречивте истрагата и затоа меѓу другото се и нашите тврдења дека истрагата е селективна Исто како што дозволивте од денот на трагедијата до отприлика седум дена подоцна раководните полициски службеници од СВР Штип и полициска станица Кочани да продолжат да доаѓаат на работните места и со тоа им овозможивте да кријат докази, да преправаат записници, се во нивен интерес и во интерес на тие кои треба да ги заштитите. Под притисок исклучиво на експертската јавност тие беа променети. Е затоа денес семејствата на починатите, загинатите и повредените дојдоа во Скопје и затоа побараа средба не само со вас, побараа средба и со нас и со сите пратеници овдека во Собранието, затоа што меѓу другото ние сме нивни избраници, нагласи пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска.
Оставка од Тошковски побара и Рина Ајдари од ДУИ која обвини за истрага по етничка линија, што исто така беше отфрлено од Тошковски, кој наведе дека 49 лица од осомничените се Македонци, 10 се Албанци, двајца се Бошњаци, еден е Ром.
Ајдари во реплика рече дека со денешните судски одлуки за опфатените со истрагата за пожарот, поранешниот министер за економија Крешник Бектеши останува во притвор, а поранешните градоначалници во домашен притвор.
Јована Мојсовска од Левица побара одговори зошто оперативната акција во дискотеката започнала во 1.30 часот кога од сведоштвата на дел од присутните полициските службеници влегле во 2.30 часот непосредно пред пожарот, обвинуивајќи дека нема ниту еден осомничен полициски службеник.
Пратеникот од СДСМ Миле Талески рече дека морален пораз за Тошковски е тоа што советничка поднесе оставка за трагедијата во Кочани, а тој не.
Да ја почекаме истрагата и да видиме кој се ќе понесе одговорност за трагедијата во Кочани, дали командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени. Но, непобитен е фактот дека МВР потфрли на повеќе основи дента кога се случи пожарот во дискотеката во Кочани, како институција со клучна улога во обезбедувањето и мораше да има морална одговорност, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
– Не бил направен оперативен план, не бил обезбеден просторот, не бил затворен објектот иако во него било регистрирано присуство на малолетници, не се реагирало за пиротехнички средства и многу други пропусти. Голем број осомничени, приведени и притворени лица од трагедијата во Кочани до денес е со цел да се разводнат сите случаи и да се одолговлекуваат до бескрај, да се создаде привид дека МВР и Владата се борат против криминалот и корупцијата. Но не е така. Ова е тежок популизам, препознатлив за ВМРО-ДПМНЕ. Но, ајде да ја почекаме истрагата за да видиме дали и кој од надлежните командири, началници и заменик-командири на полицијата ќе бидат опфатени и кој ќе понесе одговорност. Дали началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, дали началникот на криминалистичката полиција во Кочани, Томо Донев, дали началникот на СВР Штип, како и раководителите на крими-полицијата?, рече Талевски.
Тој посочи дека за трагедијата во Кочани морална одговорност мораше да има после толку пропусти — од човекот којшто е прв и најповикан во таа институција, а тоа е министерот Панче Тошковски.
– Морален пораз за Тошковски е тоа што советничка во Советот на Општина Кочани, сопартијка на министерот, ќе поднесе оставка од морални причини, а тој не, рече Талевски.
Глас ЗА интерпелација на министерот Панче Тошковски не е прашање на политика, туку прашање дали ќе опстои државата, дали ќе има правда, безбедност и сигурност. Безброј аргументи и факти го потврдуваат тоа, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талески на денешното обраќање во собранието.
На почетокот на расправата министерот Тошковски рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст.
Против министерот за внатрешни работи беше поднесена интерпелација и во јануари заедно со уште четири интерпелации на владини министри. Тогаш интерпелациите ги поднесе Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Ј. Ѓ.