ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ИНТЕРВЈУ

ИНТЕРВЈУ со Драган Тилев: Албанија и Црна Гора имаат јасна перспектива за членство во ЕУ, Македонија не напредува во процесот

May 16, 2025 08:47
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ЕВРОПСКА УНИЈА, ИНТЕРВЈУ, ПОЛИТИКА
Драган Тилев

Драган Тилев

Share on FacebookShare on Twitter

„Црна Гора, Албанија и Молдавија веќе имаат јасна перспектива за членство во ЕУ, а Црна Гора и Албанија имаат веќе и најавени дури и години кога тоа може да се случи (2027-2030). Ме прашуавате каде сме ние во тој процес? Иако секогаш се обидувам да бидам оптимист, па и сега сум во однос на крајната цел, сепак морам да констатирам дека не напредуваме во процесот со потребното темпо“, истакна во интервју за Фронтлајн, Драган Тилев – државен советник за европски прашања.

Тој истакна дека изминатиов период граѓанското општество имаше и сè уште има многу значајно место во позитивните промени во општеството, вклучително и позитивно влијание во евроинтегративниот процес. Во солиден број на Тинк-танкови, институти, НВО-и, лежи значителен ресурс на знаење и искуство кое треба да се користи во сите реформски процеси, вели Тилев.

ФРОНТЛЈАН: Како ја оценувате моменталната позиција на Македонија во процесот на евроинтеграции, и кои се главните предизвици што ја кочат на тој пат?

ДРАГАН ТИЛЕВ: Морам прво да напоменам дека процесот на Проширување генерално и нашиот процес на Европска интеграција конкретно, никогаш не треба и не смее да се гледа одвоено од случувањата на глобален план, при тоа земајќи ја предвид новата политика на Претседателот Трамп и непредвидливоста на неговите одлуки, војната во Украина и обидите за договор за мир, но и можноста за брза ескалација на кофликтот, многу поактивната политика на Кина далеку надвор од нејзините граници и сигналите за спремност за кофронтација до колку тоа е неопходно.

Во регионот состојбата не е ништо поедноставна, имајќи ги предвид протестите во Србија и нестабилноста на нејзината нова Влада, неможноста во Косово да се формираат новите политички структури на власта, нефункционалноста на Босна и Херцеговина со можност за ескалација на триењата помеѓу ентитетите.

Сепак, никогаш од периодот на падот на Берлинскиот зид и големото проширување 2004-20027, не биле посилни и појасни сигналите за проширувањето на ЕУ како што се сега. Јас дури периодот го споредувам со „втор Берлински ѕид“, само што сега ѕидот што треба да падне е на границата на Украина со Русија. Тоа се историски моменти во кои грешки не се дозволени.

Црна Гора, Албанија и Молдавија веќе имаат јасна перспектива за членство во ЕУ, а Црна Гора и Албанија имаат веќе и најавени дури и години кога тоа може да се случи (2027-2030).

Ме прашуавате каде сме ние во тој процес? Иако секогаш се обидувам да бидам оптимист, па и сега сум во однос на крајната цел, сепак морам да констатирам дека не напредуваме во процесот со потребното темпо.

Причини има многу, но најголем предизвик е политички наметнатото барање за промена на уставот, кое си го прави своето со ерозија на процесот. Довербата во процесот е во надолна линија, а интересот кај младите е во опаѓање. Структурите за преговори треба да се стават во функција, да се спречи губењето средства од ИПА програмата. Апатија не може да се носи со длабоки и тешки реформи кои процесот на интеграција ги бара и ги очекува. За реформи ви треба верба во стратешка идеја и ентузијазам, кои за жал во моментов ги немаме.

Навистина сме успешни во оваа фаза од имплементацијата на Планот за раст и на Реформската агенда, но доколку работите драстично и рапидно не се променат, фрустрациите и разочарувањата ќе раснат.

ФРОНТЛЈАН: Колку се подготвени и ефикасни институциите да го одржат темпото на потребните реформи, особено во области како владеење на правото, јавна администрација и борба против корупцијата?

ДРАГАН ТИЛЕВ: Честопати поставувано прашање на кое секогаш сум одговарал дека институциите беа спремни и до некаде сè уште се спремни за спроведување на реформите, но сепак, нема да бидам до крај искрен ако не кажам дека се тие значително еродирани со политизација на системите, депрофесионализација, навлегување на организираниот криминал и корупцијата длабоко во институциите. При тоа не мислам само на извршната власт туку на сите гранки на власта.

Борбата против организираниот криминал и против корупцијата на сите нивоа мора да биде и да остане приоритет број еден. Кога ме прашувате за реформите во делот на владеење на правото, тоа се поглавјата 23-Правосудство и фундаментални права и 24-Правда, слобода и безбедност, јас констатирам но и Европската комисија исто така, дека реформите се добро поставени со Стратегии, Акциски планови, интервенции во законите. Но, секому му е до сега јасно дека тоа не е доволно за вистински длабоки и нереверзибилни реформи. За тоа ни се потребни кадровски решенија со капацитет, знаење, искуство, храброст и пред се политичка воља. Нема да спроведеме реформи во јавната администрација, дури и со најдобрата Стратегија, доколку не се деполитизира и професионализира администрацијата. Тука се става точка и секоја натамошна дискусија е излишна. Дигитизацијата е супер важна, но тоа нема да го реши проблемот со политички назначувања на професионални позиции.

Кусиот одговор на вашето прашање би бил, институциите сè уште имаат капацитет за спроведување реформи, потребна е политичка воља, и тоа не само од Владата, туку од сите политички чинители.

ФРОНТЛЈАН: Каква улога има граѓанското општество во поддршката и надзорот на евроинтегративниот процес?

ДРАГАН ТИЛЕВ: Изминатиов период можам да заклучам дека граѓанското општество имаше и сè уште има многу значајно место во позитивните промени во општеството, вклучително и позитивно влијание во евроинтегративниот процес. Во солиден број на тинк-танкови, институти, НВО-и, лежи значителен ресурс на знаење и искуство кое треба да се користи во сите реформски процеси.

Се чувствува недостиг на средства, бидејќи сепак зборуваме за граѓански организации кои немааат редовни и сигурни извори на финансирање. Државата одвојува многу скромен износ за поддршка на граѓанските организации. Да не го споменувам случајот со стопирањето на активностите на УСАИД кои финансираше големи и исклучително значајни проекти во клучните области на владеење на правото, економијата итн.
· Сепак, фондовите и програмите на ЕУ и нејзините земји членки даваат исклучително позитивен импулс во активизмот на граѓанското општество и тоа е инфузијата која е неопходна тоа да остане будно, да мониторира, да сигнализира, да предупредува, да потсетува, и секаде каде поседува експертиза, да им помогне на државните или локални власти и институции во реализацијата на реформските намери и обврски.
Граѓанскиот сектор треба да биде партнер во сите реформски процеси кои се спроведуваат во земјата, при тоа никогаш не мешајќи ја својата улога со улогата на органите на власта.

ФРОНТЛЈАН: Како геополитичките случувања, вклучително и руската агресија во Украина, влијаат врз перспективите за проширување на ЕУ на Западен Балкан? Постои ли замор во Унијата кога станува збор за нови членки?

ДРАГАН ТИЛЕВ: За геополитичките случувања, особено војната во Украина, дадов куса елаборација во одговор на едно од вашите претходни прашања. Несомнено тие случувања не само што влијаат на опфатот на процесот на проширување, туку ја диктираат и неговата динамика. На секој што разбира геополитика, би требало до сега да му е сосема јасно дека иднината на Европа и на Европската Унија, зависи од исходот и епилогот на војната во Украина.

Позитивен исход значи безбедна и проширена Унија, негативен исход ќе значи долгорочно нарушување на безбедноста за целата Унија, редистрибуција на економскиот потенцијал со остро свртување кон трошоци поврзани со воената индустрија и ризици од несигурност на монетарната и фискалната политика. Тоа пак ќе резултира секако и со несигурност за граѓаните на Унијата и наша несигурност, во Македонија и поширокиот регион, и не само во Западниот Балкан.

Геополитичкиот компас на ЕУ јасно покажува дека процесот на проширување не само што нема да застане, туку и се интензивира, не заради нас, туку заради потребата на Унијата да не има во својата сфера на влијание, како дел од своите структури, како дел од единствениот пазар и како дел од безбедносната мрежа која треба да ја направи Унијата побезбедна, а и нас доколку сме внатре.

Колку побрзо, толку подобро за нас и за нашите граѓани, бидејќи ние сме тесно поврзани економски-финансиски-трговски со регионот и особено со Унијата и нејзиниот единствен пазар, а како земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ сме длабоко веќе интегрирани и со политиките на Европската Унија и со безбедносните политики на Евро-Атлантските стратешки партнери.

Европската Унија се менува постојано. Историски гледано, при секоај поголема криза и предизвик, Унијата наоѓала решение станувајќи посилна и поинтегрирана. Во тој контекст, Европската Унија и сега е исправена пред големи промени и длабоки реформи. Европската Унија како што ја знаевеме пред десет години, оваа денеска и онаа за пет или десет години од сега, нема да биде иста. Неминовно ние ќе мора да се прилагодиме на промените, какви и да се. Успесите, способноста и умешноста на нашата политичка елита и нашата дипломатија, ќе се мери со степенот на нашето интегрирање во Евро-Атлантските структури.

ФРОНТЛЈАН: Како го оценувате споредбениот напредок на Македонија и Албанија во евроинтеграциите?

ДРАГАН ТИЛЕВ: Споредбата може да се направи за периодот до отворањето на Кластерот Фундаменти од страна на Албанија, и потоа. Тоа значи периодот до Октомври 2024 година и потоа.

До 2024 година Македонија беше значително понапред во делот на транспозицијата и имплементацијата на Европското законодавство. Тоа го покажуваа и сите извештаи на Европската комисија до 2024 година. Заедно со Албанија, Македонија ги отвори пристапните преговори на 19 јули 2022 година, и помина низ скрининг процесот во 2023 година. До тогаш, сè уште бевме во значителна предност пред Албанија.

Но, од Октомври 2024 година, Албанија успеа да го отвори не само кластерот Фундаменти, туку и Кластерот Внатрешен пазар и Кластерот Надворешни односи. Ова значи дека Албанија се движи најбзро од сите до сега во процесот, отворајќи до сега три области и 16 поглавја. Во пракса се докажува динамизмот што го нуди Новата Методологија која е во сила од март 2020 година. Многу е веројатно, доколку го следи ова темпо дека Албанија ќе ги отвори сите кластери набрзо и ќе ги затвори преговорите до крајот на 2027 година, со можност да стане полноправна членка до 2030 година, по процесот на ратификација на пристапниот договор.

Оваа динамика и ваквиот напредок на Албанија направи голема разлика во однос на Македонија, и е евидентно дека веќе значително засотануваме зад Албанија, но и зад Црна Гора, а многу е извесно дека и Молдавија ќе го следи темпото на Албанија.

Од стратешки причини не е сеедно дали ние ќе останеме поназад од Црна гора, Албанија и Молдавија. Мора да најдеме модус операнди како да го фатиме приклучокот со овие земји, за да не останеме во ходникот на куќата во која влеговме далеку пред сите други, уште далечната 2005 година кога станавме земја кандидат.

ФРОНТЛЈАН: Вреди ли жртвувањето на европскиот пат на Македонија со недонесувањето на уставните измени? Дали недонесувањето на уставните измени е мудар политички потег?

ДРАГАН ТИЛЕВ: Факт е дека грешки се направени во минатото за кои политичката цена ја плаќаме денеска, но тоа не значи дека цената треба да ја плаќаат и идните генерации. Излез мора да има, како што за секој проблем постои и решение.

Не е лесно да се биде политичар, особено кога треба да се донесат важни, но и мудри одлуки. Јас сум од оние што е повеќе од убеден дека мудроста на политичарите ќе се цени преку тоа кога ќе го отвориме кластерот Фундаменти и кога ќе го фатиме приклучокот со Црна Гора, Албанија и Молдавија. При тоа никако не сум за нарушување на нашата национална и идентитетска архитектура. Реални, остварливи гаранции може да се обезбедат.

Политичката клима во ЕУ е крајно комплексна, но и крајно поволна за прифаќање на нови земји членки. Ова може да биде и последна можност за нас за подолг временски период.

Дестан Јонузи

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: Драган Тилевинтервју

НАЈНОВО

Фото: Генерирано со ВИ

Верстапен не очекува Ред Бул да го стигне Мекларен наскоро

May 16, 2025
Фото: ССНМ

Отворен конкурсот за ЕУ наградите за истражувачко новинарство 2025

May 16, 2025

Реакции во Грција поради реклама со дронови над Акропол

May 16, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Величковски: Среде Скопје Кошта ги торпедираше замајувањата на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ за „план Б” и „креативни решенија”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Кога дете по 10 години ќе нè праша – Оти не сме во ЕУ?

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ИНТЕРВЈУ со Драган Тилев: Албанија и Црна Гора имаат јасна перспектива за членство во ЕУ, Македонија не напредува во процесот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ФОТО) Скопјанката Чарна Невзати македонска претставничка на престижниот „Мис на свет”

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Втора полуфинална вечер на Евросонг – 16 земји се борат за место во финалето

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk