– Владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за ново задолжување од 6 милијарди евра, а јавноста сè уште нема добиено ниту една конкретна информација за содржината и обврските кои произлегуваат од тој договор. Нема одговори за тоа кои се условите, колкава е каматата, на колку години ќе се враќа овој кредит и колку тоа ќе ги чини граѓаните на крај. Сè што слушаме се паушални изјави без никакви детали. Дополнително се отвора уште еден аспект. Во кратко интервју за британската телевизија Скај Њуз, кое беше објавено од медиумите, премиерот Мицкоски избегна да одговори на директно прашање: Дали дел од стратешкото партнерство со Обединетото Кралство вклучува и можност Македонија да прифаќа мигранти?, изјави на денешната прес-конференција, Мартин Костовски – организациски секретар на СДСМ.
„Токму ова прашање го поставивме пред неколку дена. И Владата – молчи.
Сега, кога веќе и британски медиуми и политичари зборуваат за „широка соработка“ во делот на миграцијата, молкот станува аларм.
Затоа денес, јавно, пред граѓаните, ја прашуваме Владата:
Дали сте подготвени во иднина да прифатите Македонија да стане зона за смествање на мигранти?
Дали договорот каков што е остава простор дека за ова може да се разговара во иднина?
Дали можете експлицитно и јасно да потврдите дека ниту сега ниту во иднина Макеоднија нема да разговара за ваков политички ангажман?
Македонските граѓани имаат право да знаат, и ги заслужуваат одговорите. Заслужуваат транспарентност.
СДСМ не води евтина политика – СДСМ поставува вистински прашања. Прашања кои се од интерес за безбедноста, достоинството и иднината на нашата држава.
Ако Владата нема што да крие – нека одговори. Јасно. Јавно. И веднаш“, посочи Костовски.