Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, упати остри критики кон институциите на државата, обвинувајќи ги за прикривање на криминал поврзан со наводна незаконска легализација на објект во скопската општина Чаир. Во својата објава на социјалните мрежи, Арсовска тврди дека еден ден по нејзините пријави до Министерството за внатрешни работи, општината донела одлука за поништување на спорното решение, но со, како што вели, очигледни обиди да се прикрие вистината.
„Наместо во истрага за криминалот, институциите во Македонија активно учествуваат, поддржуваат и поттикнуваат КРИМИНАЛ“, напиша Арсовска.
Според неа, Општина Чаир на 27 мај, во 14:44 часот, до Агенцијата за катастар на недвижности поднела решение за поништување на претходно издаденото решение за легализација, кое, како што тврди Арсовска, било добиено со фалсификувани документи. Таа посочува дека документот бил антидатиран.
„Решението го антидатирале демек е направено на 02.05.2025 за да изгледа дека постапиле пред целиот криминал да биде објавен јавно“, вели таа и додава: „ама не можат да покријат дека вчера им е поднесен во катастар неколку часа по нашите пријави во МВР“.
Арсовска директно ги обвинува Владата и министерот за внатрешни работи за пасивност и соучесништво во обидот за прикривање на незаконското постапување.
„Срамот да биде поголем – во обидот за прикривање докази активно учествуваат Владата и Министерот за внатрешни работи кои наместо да ‘филозофираат’, треба да постапуваат за да ги фатат криминалците, а не да дозволат тие да ги покријат нивните криминали“, посочува таа.
Градоначалничката бара итно дејствување од надлежните институции и посебно го повикува Јавното обвинителство да реагира.
„До сега требаше да сте во општината и да ги имате обезбедено сите докази, а не да им дозволувате на Висар Ганиу и Изет Меџити да си ги покриваат криминалите и да УНИШТУВААТ ДОКАЗИ!!!“, напиша Арсовска и додаде:
„Јавното обвинителство мора да постапи во разоткривање на криминалот кој се случува пред очите на целата јавност.“
Ј. Ѓ.