Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски вечерва изјави дека истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани е завршена и дека од утре почнува увидот на одбраната во доказите.
– По два и пол месеци истрагата се завршува утре што значи дека од утрешниот ден се почнува со увид во предметот од страна на одбраната. Одбраната во наредните 15 дена има право да доставува докази кои јавното обвинителство ќе ги цени со тоа што по поминување на тие 15 дена ќе се донесе јавно-обвинителска одлука, рече Коцевски за Tелевизија 24.
Тој посочува дека досега ваков предмет немало во државата и дека се работи за сложена истрага со многу преземени дејствија и дека биле вклучени 13 јавни обвинители.
– Во рекордно време се обезбедија сите релевантни докази кои беа битни за истрагата, рече Коцевски.
Тој посочи дека продолжува истрагата околу улогата на полицајците кои таа ноќ биле во дискотеката и не исклучува можност доколку се обезбедат докази, истрагата да се прошири.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.