Поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле оценува дека договорот кој Владата го нарекува „стратешки“ со Велика Британија всушност е почетен документ без конкретни обврски, а дека Лондон има интерес за мигрантски центри во регионот. Според него, Македонија од Трампова Америка добила само царини, а новата власт нема реална намера да ја води државата кон ЕУ.
Иако македонската Влада го претстави како „историски“, договорот кој неодамна беше изгласан во Парламентот не претставува договор за стратешко партнерство со Велика Британија, туку е повеќе налик на меморандум за соработка или писмо за намери. Ова го изјави поранешниот претседател Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле.
„Тоа што е изгласано не е договор за стратешко партнерство. Станува збор за почетен документ во кој се набројуваат четири области за потенцијална соработка, без конкретни обврски. Суштински, тоа е договор за кредитирање на инфраструктурни проекти, а не нешто што може да се нарече стратешко“, изјави Пендаровски.
Според него, македонскиот интерес е јасен – тоа се кредитите. Но интересот на Велика Британија, тврди тој, е поврзан со евентуално отворање транзициски центри за мигранти во регионот.
„Од британските медиуми дознаваме дека од септември ќе почнат преговори со балкански држави, меѓу кои е и нашата, за стационирање на мигранти кои нема да можат да останат во Британија. Тоа е реалниот интерес на Лондон“, рече тој.
Владата претходно демантираше дека такво нешто е содржано во договорот, но Пендаровски потсетува на изјава на премиерот дека „сѐ уште не сме разговарале за тоа прашање“, што според него не ја исклучува можноста такви разговори да се водат.
Од САД – само царини
Во однос на најавите за „засилено партнерство“ со САД и блискоста со администрацијата на Доналд Трамп, Пендаровски вели дека досега резултатот од таа соработка е негативен.
„Од администрацијата на Трамп добивме само царини. Никакви поволности, никакви исклучоци. Се тврдише дека сме први во редот кај претседателот Трамп, но тоа беше колосално аматерско промашување“, изјави Пендаровски.
Тој смета дека новата администрација во Вашингтон има исклучиво економски приоритети, и оти Македонија нема што да понуди на таков лидер.
„Трамп е политичар кого го интересираат само парите и ресурсите. Ние немаме што да му понудиме на таков човек“, нагласува тој.
ЕУ е само реторика
Пендаровски остро ја критикува и политиката на новата влада кон Европската Унија. Според него, декларативната заложба за ЕУ не се поткрепува со реални постапки.
„На сите во власта им е јасно дека немаат намера да одат кон ЕУ. Поставуваат услови на Бугарија наместо да ги исполнат условите за продолжување на преговорите, како што е уставната промена“, вели тој.
Поранешниот претседател посочува дека наместо кон главните европски сили, Владата се ориентира кон земји како Унгарија, кои се во судир со основните вредности на Унијата.
„Ако велите дека од Орбан има што да се научи, тогаш тоа говори за вашите реални амбиции. Тој е човекот кој го промовираше концептот на ’илиберална демократија’. Зошто не се обидеме да направиме стратешко партнерство со Германија, која има конзервативна влада блиска до ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП?“, прашува Пендаровски.
И покрај неодамнешните изјави од германскиот врв дека проширувањето треба да следи по внатрешните реформи во ЕУ, Пендаровски потсетува дека земји како Албанија и Црна Гора продолжуваат да напредуваат во процесот, што го гледа како доказ дека Македонија сама се исклучува од европскиот пат.