– Со голем гнев и разочараност ја следиме најавата дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе организира трибина за Кочани. Какво лицемерие, каква нечовечност, каква ароганција! Кочани не е приоритет за Владата. Владата го одби Законот за помош на семејствата на жртвите и повредените од трагедијата. Буквално одби финансиски да им помогне додека родители даваат откази од работа за да се грижат за повредените деца, одговори на новинарско прашање, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Пратениците на ДПМНЕ се скрија во канцелариите на Собранието да не излезат да се соочат со родителите од срам. Кукавици и лицемери.
Клековски треба да се скрие од јавноста, болницата во Кочани сè уште нема ни основни медицински средства. Физикалната терапија се врши на донирани маси а тој седи во Владата на трибина и кажува како помогнале. Државата не обезбеди ниту обични креми за раните на повредените.
Еден месец Владата нема министер за здравство, здравството се распаѓа по секој основ, кочанската болница се распаѓа, тие политика тераат и дебати држат.
Сè што има се донации од хумани луѓе. Ова е срам за цела држава. Срам за една власт што избра да ја пере својата бездушност со трибини наместо со вистинска грижа.
СДСМ нема да молчи. Ќе ја бараме правдата до крај. Ќе ве потсетуваме секој ден дека зад вашите зборови нема ништо – ни сочувство, ни одговорност, ни човечност“, истакна Кузеска.
Во Медија центарот во Владата денеска ќе се одржи трибината „Кочани е нашиот приоритет“.
Како што информираат од владината прес-служба, на трибината ќе се обратат директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски и генералниот директор на Црвен крст, Саит Саити.