ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

Околу Собранието ќе има безбедносна зона, но протести и натаму ќе може да се одржуваат на улицата

June 6, 2025 17:04
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА
Протести пред Собрани. 5 јули 2022 година. Фото: Фронтлајн

Протести пред Собрани. 5 јули 2022 година. Фото: Фронтлајн

Share on FacebookShare on Twitter

Околу Собранието ќе има безбедносна зона, но протести и натаму ќе може да се одржуваат на улицата „11 Октомври“. Поточно, како и досега собири ќе може да има на делот од улицата кој минува покрај главниот собраниски влез и паркот „Жена борец“, пишува Вистиномер. 

Дилеми во јавноста предизвика новото законско решение со кое просторот околу парламентот се прогласува за безбедносна зона. Суштината на законот зад кој стојат претседателот на Собранието, Африм Гаши и сите пратенички групи, е тоа што во дворот на Собранието – тревникот со површина од 1,5 хектари до Домот на АРМ, се забрануваат градежни активности, јавни собири, протести и манифестации, а се забранува и прелет со дронови до висина од 100 метри. На овој дел се наоѓа парцелата која уште пред десетина години е продадена на приватен инвеститор, кој таму требаше да изгради катна гаража речиси залепена до парламентот. Со законот земјиштето ќе биде вратено во државна сопственост, а приватниот сопственик треба да биде обесштетен во висина на сумата за којашто го купил земјиштето.   

Дента (02.06.2025) кога предлог-законот беше  поднесен по скратена постапка од седум пратеници – Африм Гаши, Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Борислав Крмов, Блерим Беџети, Весна Бендевска и Блерим Ќоку, повеќе медиуми (дез)информираа дека се забрануваат протести пред Собранието.

Дел од медиумите објавија дека сите пратенички групи се согласиле просторот околу Собранието  со закон да го прогласат за безбедносна зона, со што според написите,  ќе бидат забранети протестите пред законодавниот дом.

Која е целта на законот?

Наспроти ваквите гледишта, наредниот ден – 3 јуни, кога Собранието ја утврди потребата од донесување на законот, односно помина првото читање на Предлог законот за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона, координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и на „Европски фронт“, во изјави за медиумите, истакнаа дека целта на законот е да спречи приватни компании да градат објекти блиску до законодавниот дом, а не да се забранат протестите на граѓаните. 

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески нагласи дека намерата е да се обележи целиот простор што Собранието треба да го има во своја сопственост. 

Свесни сте и вие дека во Собранието требаше согласно некои претходни постапки да се изгради приватен објект до самото Собрание и од таа причина се бараше катна гаража и од таа причина се бараше решение да се изнајде за надминување на тој проблем, односно просторот околу Собранието да остане само на Собранието. Зошто е даден насловот безбедносна зона на Собранието? Очигледно тоа е начинот за да се обележи целиот простор којшто треба да постои околу Собранието, којшто Собранието треба да го има во своја сопственост за да може сам да ги реализира проектите кои се предвидени таму, односно потенцијална катна гаража за Собранието без дополнителни некои приватни стопански објекти кои би се нашле на самиот објект. Ова е закон врз којшто е работено подолг временски период во којшто во работната група беа вклучени повеќе институции почнувајќи од Народен правобранител, Град Скопје, собраниските служби, Министерството за транспорт и врски, членови на Владата на кој сите заедно работеа по драфт верзијата.  Сите како координатори на пратенички групи во Собранието консензуално го потпишуваме ова законско решение за да се надмине само тој проблем, вели Мицески.

Тој нагласи дека не се забрануваат протестите, туку  само се ограничуваат крајните коти на Собранието, а тоа е почетокот на улицата „11 Октомври” до Заводот за статистика, односно „просторот што ќе припадне во сопственост на Собранието со кое ќе може да располага и да прави активности во склоп на него, а не приватни субјекти“. 

И координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, потенцира дека со ова ќе се спречи некој приватен субјект да изгради каков било приватен објект на 2,5 метри до Собранието. 

 „Во 2009 година, тогашната Влада на ВМРО-ДПМНЕ продаде на приватна фирма државно земјиште на 2,5 метри од Собранието за да гради катна гаража и се водеа судски постапки. Вие сте сведоци дека со денот на конституирањето на овој законодавен состав започнаа со оградување на просторот за да се гради катната гаража, и апсолутно не може тоа. Во ниту една нормална држава, на 2,5 метри до Собрание да имате приватен сопственик на катна гаража што ќе се гради до објекти кои се од витален и национален интерес. Оваа заштитена зона го решава тој проблем, да не може да се гради каков било објект ниту сега ниту понатаму, освен за потребите на македонското Собрание“, рече Спасовски.

Блерим Беџети, пратеник од „Европски фронт“, исто така  нагласи дека не е идејата да се ограничуваат протестите и дека заеднички се договориле заради сосема други цели. 

Во врска со ова на социјалните мрежи се огласи и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и тој тврди дека со законот не се забрануваат протести, туку, како што вели:  

„Ај да не бидеме незрели и наивни… Целта на Законот за безбедносна зона околу Собранието е да му ја национализираме приватната парцела на клиентот на Панче Тошковски (вмровска фирма која у време грујово си го “купила” тревникот позади парламентот кај Дом на АРМ, сакајќи да гради лепенка) – а не да се забрануваат протести!

Согласно котите, булеварот пред Собрание си останува слободен за протести. Не наседнувајте на секој спин, новинарска патка и “кромид вест”, мајке ми. Проверете“, напиша Апасиев на Фејсбук. 

Вакво законско решение се најавуваше уште минатата година, а претседателот на Собранието Гаши на крајот на јануари годинава на брифинг со новинарите рече дека текстот на законот е 99 отсто готов и  според неговите прогнози, во февруари требаше да влезе во собраниска процедура. Сепак, тоа не се оствари и предлог законот беше доставен во парламентот на 2 јуни. 

Што содржи законот? 

Предлог-законот има вкупно 12 члена, со првиот се прогласува просторот околу Собранието за безбедносна зона, со вториот се прецизира дека таа „претставува јавен интерес од значење за државата“, додека со третиот се дефинира што е безбедносна зона.   

„Безбедносната зона е површината на просторот околу објектот на Собранието со дефинирана граница којашто ги опфаќа земјиштето и воздушниот простор, до која од безбедносни причини и заради безбедносни интереси на државата пристапот и користењето се ограничени со закон“,  пишува во членот 3. 

Во  член 4 се наведени границите и детално е опишано што содржи просторот околу Собранието којшто влегува во безбедносната зона (катастарски парцели, површина, координати на прекршните точки).

Фото: Принтскрин од прдлог-законот

Членот 8 (став 1) утврдува дека во безбедносната зона се забрануваат:  

  1. градежни активности;  
  2. поставување на линиска и инсталациона инфраструктура;  
  3. одржување на јавни собири, протести или манифестации;  
  4. летање со дронови и други типови на беспилотни воздушни летала во воздушниот простор над Собранието и безбедносната зона и  
  5. вршење на други работи со кои се нарушува или оневозможува нормалното функционирање на Собранието и објектите што се наоѓаат во непосредна близина на Собранието, а се до границите на безбедносната зона.  
Фото: Принтскрин од прдлог-законот

Во воведниот дел на законот се посочува дека прогласувањето на просторот околу парламентот за безбедносна зона не е нешто ново и непознато, а како примери се посочени парламентите на Австрија, Белгија, Германија, Романија и Унгарија. 

Законот стапува во сила со денот на објавување во Службен весник (член 12). Во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила, земјиштето што е во сопственост на приватната компанија се враќа во владение на Република Северна Македонија, а на поранешниот сопственик му се враќа износот уплатен согласно договорот за купопродажба, зголемен за трошоците на надоместокот за уредување на земјиштето и евентуалните вложувања (член 10).

Перипетии со катната гаража 

Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на експремиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески. 

Фирмата „Анго“ ДООЕЛ парцелата од 2.455 квадратни метри ја купи за 136 евра за квадрат или вкупно за 333.000 евра. Според деталниот план беше предвидено гаражата да има приземје и два ката, а влезот беше предвиден од кај пристапната улица помеѓу Собранието и Домот на АРМ. 

Инвеститорот, „Анго“ ДООЕЛ, доби одобрение за градење во август 2014 година од Општина Центар, а Општината во 2018 година го поништи, затоа што изградбата не почна во предвидениот рок.  

До 2021 година Општината и „Анго“ воделе две судски битки пред Управниот суд, кои фирмата ги добива во своја корист. Фирмата, како што објави „Призма“, била застапувана од сегашниот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, тогаш во улога на адвокат.   

Тошковски, според објавите, бил и во Комисијата на Министерството за транспорт и врски за отуѓување на земјиштето, кога првпат се продаде истата парцела во 2009 година. Тогаш ја купи скопската нафтена компанија „Макоил“, која подоцна се откажа, па земјиштето го зеде семејството Трпковски. 

Во меѓувреме, во ноември минатата година на седница одржана во Собрание, сопственичката на фирмата, Анкица Трпковска беше избрана за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција којашто го регулира телекомуникацискиот сектор. А како што пишува на нивната веб-страница, Трпковска сега е потпретседател на Комисијата на АЕК.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: протестиСобрание

НАЈНОВО

Пациенти со тежок дијабетес се излекувани во мало испитување на нов лек

June 21, 2025

Репрезентативецот Алиоски потпиша двегодишен договор со Лугано

June 21, 2025
Фото: ЕУ

Веќе 40 години Шенген е успех за Европа, но дали е сега под закана?

June 21, 2025

НАЈЧИТАНО

  • СДСМ нема да има кандидати за градоначалници во Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Во оклопот на вмро, Македонците се желки на трката во Спа Франкоршамп

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Македонија е првата европска земја што доби турски влечни хаубици БОРАН

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Филипче ги објави првите 19 кандидати на СДСМ за градоначалници

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Голем пожар во Далмација меѓу Омиш и Макарска, се спасуваат куќи, пожарникарите немаат контрола

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk