Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
По месеци затскривање, игнорирање и институционално одбивање на законски решенија за конкретна помош за настраданите во трагедијата во Кочани и нивните семејства – ете ја Владата со нов пи-ар трик. Владата отвори телефонски број за директна комуникација со повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства.
Конечно решија да “комуницираат”.
Како?
Со телефонски број.
Еден број.
Директна линија, велат. Ќе зборувале, ќе слушале, ќе записничеле.
Го објавија телефонскиот број јавно: 070 355 526.
Зошто со зурли и тапани на владина прес-конференција го објавија телефонскиот број со кој треба да комуницираат само со семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани на кои им треба помош, само тие си знаат.
Но, ова отвора и куп прашања за односот на оваа Влада и Премиерот со граѓаните и како властелините комуницираат со народот.
Владата и Христијан Мицкоски одбиваа да седнат на маса со семејствата. Одбиваа и законски предлог за помош предложен од опозицијата. Но сега, по сè, решија дека е време за мобилен телефон.
Целото институционално сочувство се сведува на едно „ало“?
Наместо конкретни мерки, сега повредените и семејствата на настраданите ќе добиваат автоматски одговор од Канцеларијата на Премиерот?
Од канцеларијата на Премиерот!
Не, ова не е обид за хумор. Ова е апотеоза на цинизмот.
Ова е политика што мисли дека е доволно да пуштиш број за да се избрише срамот од недејствувањето.
Велат дека телефонската линија ќе била „жив канал“ на комуникација. Како да се работи за нова епизода од сапуница, а не за животи кои беа уништени.
Нивниот „персонализиран пристап“ е преку линија на чекање.
Промашен момент, промашена намера.
Човечкото достоинство се обидуваат да го купат со телефонска линија, или се обидуваат на граѓаните да им продадат ефтин пи-ар.
Многу едноставно драги мои – линијата 070 355 526 е алка во синџирот на лицемерието.
Не е за верување, ама ни се случува.
Текстот е личен став на Авторот.
Поврзано:
Владата отвори телефонски број за директна комуникација со повредените во трагедијата во Кочани