Пишува: ДЕХРАН МУРАТОВ
Во поткастот „Тешки Муабети“ на „Инфомакс“, со Филип Петровски, Мечка и Миќо, емитуван на 5 јуни 2025, во живо, гостинот Петровски употреби изрази „циган“ и „циганска работа“ во негативен контекст, а во истиот наратив го употреби и „Ром“, со што ја навреди ромската заедница и придонесува кон ширење етнички стереотипи и нетрпеливост. Во истиот поткаст на понижувачки и циничен начин, повеќепати ги употреби зборовите „циган“, „цигнаска работа“, „египќани, еѓупци, роми“…
„Кога велам циган, не мислам на Ромите, тоа е колоквијално различно, нема врска со Ромите (следува хистерично смеење, придружуван од водителот Милош Милошевски – „така е Филип“), кога ќе кажеш „циганска работа“ или „педерска работа“ тоа ти е колоквијално нешто, се разбираме, нели…“, истакна филип т. петровски.
Не, не се разбираме непочитуван расисту филип т. петровски! И немам намера да ти држам едукативни предавања и да те убедувам што значат изразите „циганска или педерска работа“, бидејќи тоа е губење време, односно тоа ти е исто како да му кажеш на глуп човек дека е глуп или на мртов човек дека е мртов. Тоа го знаат сите околу него, освен тој самиот. Исто е и со наци(онали)стите, фашистите и расистите! Тие мислат дека за сè се во право.
Оваа колумна ја пишувам после 5 дена од „тешките муабети“ што беа кажани од петровски, бидејќи сметам дека е небитен лик во општеството, односно неговото влијание и значење во државата е како семафор во GTA играта, или семафор на кружен ток.
Но, сепак неговото „славно минато“ не треба да се заборави. Беше еден од предводниците на протестите (со глад) против отварање на факултети на албански јазик, потоа стана пратеник во македонското Собрание, конзул во САД, директор на Државен архив, еден од блиските луѓе на Груевски, водител на „Сајбер команда“ на Инфомакс…
Деновиве ги следев реакциите на ромските политички претставници, ромските медиуми, активисти… Сите побараа извинување од петровски или во спротивно ќе поднесат (колективна) тужба.
Јас не барам извинување од петровски, барам по допрен глас да реагираат од Обвинителство и Комисија за заштита од дискриминација. Бидејќи тој нема намера да се извини со оглед на тоа дека се изненади зошто водителот на „Инфомакс“, Александар Митевски се извини во негово име, а потоа и вториот водител Милошевски се извини, додавајќи – „на крај ќе излезе македонска работа“.
„На кого им се извини, го прашува Митевски, на Ромите, на YouTube или на ЛГБТИ заедницата. Јас никого не навредив“, вели Петровски.
Но, исто така имаше и говор на омраза кон петровски, се навредуваа цели заедници. Другари, тоа ви е исто како цело дрво да исечете бидејќи има едно скапано јаболко. На говорот на омраза не треба да се врати со говор на омраза, или што би рекле “со иста мера“. Немојте да ја размножувате омразата оти тоа е лошо потомство. И, која би била разликата меѓу вас и филип т. петровски, ако навредувате?
Во изминатите неколку дена не видов реакција и осуда од граѓан(к)ите од сите етнички заедници или НВО. Повторно само Ромите реагираа на говорот на омраза. А, можеби и одомаќинети се изразите – „се циганчи за 5 денари“ или „добив боја ко цигаче на плажа“… За вицовите во наредна прилика!
П.С. Не сум изненаден ниту навреден од нацизмот и расизмот на филип т. петровски и хистеричното смеење на водителот на Инфомакс, ме изненадува молкот на нормалните и прогресивни граѓанки и граѓани.
Преземено: Цивил Медиа