Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за ширење на омраза и разгорување на религиска и етничка нетолеранција.
„Како никогаш досега, имаме Премиер кој наместо да работи на зајакнување на внатрешната цврстина на земјата, упорно ги поткопува сите основи на кои се темели нашата внатрешна стабилност,“ напиша Османи.
Тој го обвини Мицкоски дека наместо да го негува соживотот, „свесно и доста упорно инвестира во промоција на омразата и меѓусебната нетолеранција“.
„Ќе прифатам и дека не можеме да се усогласиме за ‘гаранциите’ за продолжување на европскиот пат, за кои еве само искрено ќе кажам – не му оди добро никаде,“ додава Османи, но предупредува дека премиерот „ја преминува основната линија на политичка пристојност кога за тоа нема никаква потреба“.
Особено критички се осврна на делот од изјавата на Мицкоски што ја содржи спорната религиска алузија:
„Користиш алузии на христовата жртва – ‘закова шајки во раце и нозе’ – за над етничката да ја разгориш и религиската нетолеранција.“
Според Османи, Мицкоски е „јавнат над популистичкиот тигар“ и не е свесен за штетата што ја предизвикува на заедничкото општествено ткиво. Тој обвини дека премиерот во јавноста зборува за одбрана на македонскиот јазик, кој веќе е заштитен во европската преговарачка рамка, додека во исто време „со сета сила и со непристојна партиска поддршка од Уставниот суд, правиш сѐ да го понижиш албанскиот јазик и албанскиот граѓанин.“
Реакцијата кулминира со порака упатена директно до премиерот:
„Можеш да вреѓаш, да се закануваш, да фрлаш клетви и анатеми, да колнеш – но Христијан, имаш еден клучен пропуст во твоето поимање на реалноста. Ние Албанците не сме гости во оваа земја туку домаќини. Ова е наш дом, овде сакаме да ја предвидиме нашата иднина и иднината на нашите деца и не сакаме да си одиме од овде.“
Поврзано:
Мицкоски: Бујар Османи директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет