„И во сон премиерот само на Македонците, Христијан Мицкоски, ги сонува Албанците и нивните претставници. Тој продолжува да ги таргетира поранешни албански функционери, меѓу кои и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, за кого отворено изјавува дека го оштетил македонскиот идентитет, додека во исто време ги поштедува македонските политички фигури за истиот идентитет, иако е познато дека тие заеднички владееле со партијата на Бујар Османи“, вели за „Форонтлајн“ политичкиот аналитичар Урим Салиу, коментирајќи за изјавата на премиерот дека: „Бујар Османи директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет“.
– Не е ова вистинската цел на Мицкоски, туку зацврстувањето на етничката македонска држава што тој го реализира со прецизност, без некој отпор од албанскиот партнер кој цело време се занимава со ‘криминалот’ на ДУИ, додека Албанците доживуваат уште една ера слична на таа од времето на Груевски. Еден ден, Мицкоски нема да биде премиер, но штетата што ѝ ја нанесува на земјата преку длабоки етнички поделби ќе биде огромна. Мицкоски нема да може да ги скрши Албанците, бидејќи тие поминале низ многу потешки времиња во историјата и успеале да опстанат. Овој гнев на премиерот и оваа политичка бура ќе поминат заедно со власта на Мицкоски, која еден ден ќе заврши – можеби со непоправлива штета за една мултиетничка држава како што е Северна Македонија, вели Салиу.
Поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи, остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за ширење на омраза и разгорување на религиска и етничка нетолеранција.
„Како никогаш досега, имаме Премиер кој наместо да работи на зајакнување на внатрешната цврстина на земјата, упорно ги поткопува сите основи на кои се темели нашата внатрешна стабилност,“ напиша Османи.
Тој го обвини Мицкоски дека наместо да го негува соживотот, „свесно и доста упорно инвестира во промоција на омразата и меѓусебната нетолеранција“.
Особено критички се осврна на делот од изјавата на Мицкоски што ја содржи спорната религиска алузија:
„Користиш алузии на христовата жртва – ‘закова шајки во раце и нозе’ – за над етничката да ја разгориш и религиската нетолеранција.“
Според него, Мицкоски е „јавнат над популистичкиот тигар“ и не е свесен за штетата што ја предизвикува на заедничкото општествено ткиво. Тој обвини дека премиерот во јавноста зборува за одбрана на македонскиот јазик, кој веќе е заштитен во европската преговарачка рамка, додека во исто време „со сета сила и со непристојна партиска поддршка од Уставниот суд, правиш сѐ да го понижиш албанскиот јазик и албанскиот граѓанин.“
Реакцијата кулминира со порака упатена директно до премиерот:
„Можеш да вреѓаш, да се закануваш, да фрлаш клетви и анатеми, да колнеш – но Христијан, имаш еден клучен пропуст во твоето поимање на реалноста. Ние Албанците не сме гости во оваа земја туку домаќини. Ова е наш дом, овде сакаме да ја предвидиме нашата иднина и иднината на нашите деца и не сакаме да си одиме од овде.“
Премиерот Христијан Мицкоски го обвини Бујар Османи дека, како што рече, „директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет“.
Реагира и од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Од таму велат дека со длабока загриженост го следат сè почестото и злоупотребено користење на јавниот говор од страна на премиерот Христијан Мицкоски.
– Неговата последна изјава не е само политички неприкладен став, туку содржи и опасни алузии кои ги засегаат верските и етничките чувства. Реториката на премиерот не влијае само врз неговите политички противници – таа произведува последици кои ќе ги трпи самата држава и сите нејзини граѓани. Ако целта на премиерот е да поттикнува поделби и конфликти, ДУИ нема активно да придонесе во таква атмосфера, но секако нема ни да остане без реакција. Како сериозна и државотворна партија, можеме да имаме различни ставови и политички дејства, но не можеме да молчиме пред говор кој го загрозува кохезиониот и унитарниот карактер на државата – особено кога тој говор доаѓа од најголемата политичка партија, велат од ДУИ.
Дестан Јонузи