Фестивалот EXIT, еден од најголемите и најпрестижни музички настани во Европа, годинава ќе се одржи по последен пат во Србија. Причината, како што објави организаторскиот тим, се „огромни политички и финансиски притисоци“ по нивната отворена поддршка на студентските протести за слобода и правда.
„Од моментот кога минатата година јавно застанавме на страната на студентите и нивната борба за слободно и праведно општество во Србија, бевме изложени на огромни финансиски и други притисоци, со цел да ни се укине нашето право на слобода на мислење и говор,“ стои во соопштението на фестивалот.
EXIT беше основан пред 25 години како студентско движење за мир и слобода, а прерасна во симбол на младинскиот активизам, креативноста и мултикултурноста. Во текот на децениите донесе бројни европски награди, ги обедини генерациите и привлече милиони посетители, создавајќи огромен туристички и културен импакт за Србија и целиот регион.
Сепак, поради, како што велат, целосно ускратено јавно кофинансирање „на сите нивоа на власта“, организаторите оценуваат дека долгорочна реализација на фестивал од оваа големина во Србија станала невозможна.
„Сметаме дека слободата нема цена и токму затоа, годинашново јубилејно издание на фестивалот ќе биде последното што ќе се одржи во Србија во која се задушува слободата на говор,“ велат од EXIT. „Иако знаеме дека сме добредојдени во многу делови од светот, на нашата публика ѝ должиме последно танцување на Петроварадинската тврдина.“
Јубилејното 25-то издание на EXIT ќе се одржи од 10 до 13 јули во Нови Сад. Организаторите најавуваат незаборавно и најемотивно издание досега, како симболичен чин на отпор и слобода.
„EXIT не е само фестивал. EXIT сме сите ние кои веруваме дека можеме подобро. И како што пред четврт век заедно ја запаливме искрата на промената, денес уште еднаш го браниме правото да живееме слободно.“
Со порака до публиката, тимот на EXIT завршува:
„Ако ова е последниот EXIT на Тврдината, нека биде незаборавен. Нека биде нашиот најсилен досега. Фестивал кој ќе се памети не по крајот, туку по единството. По љубовта. По слободата!“
Редакција Фронтлајн