Пишува: ДЕЈВИД Е. САНГЕР / Њујорк Тајмс
Звучи толку хируршки, толку прецизно, токму таков вид на воздушен напад што само американските воздушни сили би можеле да го извршат.
Низа бомбардери Б-2 полетуваат од воздухопловната база Вајтман во Мисури или островот Диего Гарсија во Индискиот океан. Дополнети со гориво во воздухот, тие се упатуваат кон далечна планина во северно-централен Иран, далеку од цивилно население, каде што на нишан ја ставаат најсилно утврдената нуклеарна постројка во Иран, Фордо.
Тие ги фрлаат своите џиновски противбункерски ракети тешки 30.000 фунти, една по друга, правејќи огромна дупка надолу во центрифугалните сали кои се во центарот на вниманието на американската војска откако претседателот Барак Обама и лидерите на Велика Британија и Франција го открија постоењето на постројката во есента 2009 година, обвинувајќи го Иран за голема „измама“.
Неколку потенцијални операции, со можен исклучок на кинеска инвазија на Тајван, се испитани, пробани и дебатирани. Технички, воените и геолошките експерти велат дека тоа би требало да е изводливо.
А сепак, тоа е полно со ризици – познати непознати и непознати непознати, како што поранешниот министер за одбрана, Доналд Рамсфелд, порано велеше во контекст на војната во Ирак, уште една „зајачка дупка“ на американската воена акција на Блискиот Исток. Тоа е причината поради која се двоумел секој американски претседател кој го погледнал тоа во последните 16 години.
Претседателот Трамп во средата нагласи дека тој допрва треба да донесе одлука да се откаже од она што во приватни разговори го нарекува „големото“. Но, го немаше воинствениот тон што ги карактеризираше неговите јавни изјави еден ден претходно. На негово место дојде нота на претпазливост. „Можеби ќе го направам тоа“, им рече на новинарите на Јужниот тревник на Белата куќа. „Можеби нема да го направам тоа. Мислам, никој не знае што ќе правам“.
Во меѓувреме, Иранците, по пет дена значајни загуби од Израелците, се чини дека бараат излез. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, издаде предизвикувачки одговор на повикот на г-дин Трамп за „безусловно предавање“, но г-дин Трамп рече дека има индикации дека Иранците сакаат да разговараат и за извештаи за слетување на официјален ирански авион во Оман, каде што многу од преговорите со Стив Виткоф, специјалниот пратеник на претседателот, се одвивале пред израелскиот напад.
Ако г-дин Трамп се двоуми, тоа може да е затоа што списокот на нешта што би можеле да тргнат наопаку е долг и веројатно нецелосен. Очигледното: дека можно е Б-2 да биде соборен, и покрај успехот на Израел во уништувањето на толку многу од воздушната одбрана на Иран. Можно е пресметките да се погрешни, па дури и најголемата конвенцинална бомба на Америка да не може да се спушти толку длабоко.
„Сум бил таму, тоа е половина милја под земја“, рече Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, минатата недела, како што започна израелската операција.
Но, под претпоставка дека самата операција е успешна, најголемите опасности може да лежат после тоа, велат многу експерти, исто како што тоа го правеле во Авганистан и Ирак. Постојат многу лекции од таа грозна ера на погрешна американска надворешна политика, но најважната можеби е дека непознатите непознати можат да се вратат и да гризат.
Иран вети дека доколку биде нападнат од американските сили, ќе возврати, веројатно против американските бази низ Блискиот Исток и растечкиот број средства што се собираат во Персискиот Залив и Медитеранот. Сите се во ракетен дострел, под претпоставка дека Иран има ракети и фрлачи што ќе останат откако Израелците ќе завршат со нивното систематско таргетирање.
Се разбира, тоа би можело да започне нов циклус на ескалација: Ако Американците бидат убиени, или дури и повредени, г-дин Трамп ќе биде под притисок да се одмазди.
„Подизведување на работата на Фордо ќе ги стави САД на нишан на Иран“, напишаа Даниел Ц. Курцер, поранешен амбасадор на САД во Израел и Стивен Н. Сајмон, ветеран од Советот за национална безбедност, во „Форин Аферс“ во средата. „Иран речиси сигурно би возвратил со убивање американски цивили. Тоа, пак, би ги принудило САД да возвратат“.
„Набргу“, продолжија тие, „единствените цели останати за Вашингтон да ги погоди би биле лидерите на иранскиот режим и САД повторно би се впуштиле во бизнисот за промена на режимот – бизнис во кој веќе премногу малку Американци сакаат да бидат вклучени“.
Реакцијата би можела да има други облици. Иран е вешт во тероризам и реагираше на американско-израелскиот кибер напад врз својата нуклеарна програма пред 15 години со изградба на страшен кибер корпус, не толку прикриен како кинескиот или толку смел како рускиот, но способен да предизвика значителна штета. И има многу ракети со краток дострел останати за напад врз танкери за нафта, што го прави транзитот во Персискиот Залив премногу ризичен.
Последното нешто што Белата куќа сака да направи е да ги изнесе овие ризици во јавност. Демократите повикуваат на улога во Конгресот, но немаат моќ да го принудат тоа. „Со оглед на потенцијалот за ескалација, мора да бидеме доведени до оваа одлука“, изјави сенаторот Адам Б. Шиф од Калифорнија, еден од политичките ривали на г-дин Трамп, за Си-Ен-Ен во средата. „Бомбардирањето на Фордо би била офанзивна активност“.
И како и повеќето офанзивни активности, постојат долгорочни опасности, надвор од циклусот на напад и одмазда.
Веќе, пораката од овие изминати пет дена, како што ја толкуваат иранските лидери или други со нуклеарни вештини, можеби е дека требало порано да се тркаат со бомба, и тоа поприкриено. Тоа е она што Северна Кореја го направи, и сега заврши со 60 или повеќе нуклеарни оружја, и покрај годините на американска дипломатија и саботажа за да го спречи тоа. Тоа е доволно голем арсенал за да осигура дека нејзините противници, Јужна Кореја и САД, би размислиле двапати пред да спроведат операција каква што изврши Израел против Иран.
И историјата сугерира дека нуклеарните програми можат да бидат бомбардирани, но не и елиминирани.
„Нуклеарното оружје може да се запре со сила – сириската програма е добар пример“, рече Гери Саморе, кој беше координатор на администрацијата на Обама за оружје за масовно уништување кога беше објавено постоењето на постројката Фордо. (Беше откриено кон крајот на администрацијата на Буш).
И во Ирак, откако Израелците го бомбардираа реакторот Осирак во 1981 година, за да го спречат Садам Хусеин да добие гориво за бомба, Ирачаните „реагираа со изградба на огромна, тајна програма“, која не беше откриена сé до по Заливската војна во 1991 година, рече г-дин Саморе. Тоа беше таков срам за американските разузнавачки агенции што повеќе од една деценија подоцна тие лудо ја преценија неговата способност да го стори тоа повторно, придонесувајќи за вториот неуспех – и водејќи ги САД во војната во Ирак.
Но, г-дин Саморе додаде: „Не можам да се сетам на случај каде што само воздушната сила била доволна за да се стави крај на програмата“.
Тоа е важен фактор за г-дин Трамп. Тој мора да одлучи во наредните неколку дена дали нападите на Израел врз иранскиот објект за збогатување ураниум во Натанц и бомбардирањето на работилниците каде што се прават нови центрифуги и лабораториите каде што можеби се одвиваат истражување на оружје, се доволни за да се забави иранската програма.
Накратко, тој мора да одлучи дали вреди огромниот ризик од директна американска вмешаност за каква било добивка што би произлегла од уништувањето на Фордо со американски пилоти, американски воени авиони и американско оружје.
Но, тој исто така не сака да биде обвинет за пропуштање на шансата да ги врати Иранците со години назад. „Ако оваа војна заврши и овој Фордо остане недопрен“, рече г-дин Саморе, сега професор на универзитетот Брандеис, „тогаш нема да биде потребно многу време за повторно да се одвива ова “.
Г-дин Трамп не ги разгледувал овие прашања јавно и секогаш е тешко да се знае како ги проценува доказите. Тој се налути пред некој ден, на „Air Force One“, кога еден новинар му забележа дека неговата директорка на националното разузнавање, Тулси Габард, сведочеше во Конгресот пред само неколку месеци дека Иран не донел одлука да произиведе бомба, дури и ако неговото производство на гориво се зголемило.
Тој инсистираше дека не му останува многу време – иако не наведе докази што би го побиле сопствениот шеф на разузнавањето.
„Не заборавајте, ние не се боревме“, рече г-дин Трамп во средата во Овалната соба. „Додаваме одредена доза на генијалност во сé, но воопшто не се боревме. Израел денес направи многу добра работа“.
Потоа, повторно заматувајќи ги водите, тој се сврте кон својата препознатлива фраза: „Но, ќе видиме што ќе се случи“.
Дејвид Е. Сангер известува за нуклеарната програма на Иран и напорите да се спречи тој да се здобие со атомско оружје повеќе од две децении.
Превод: Н. Цветковска