Рано утрово избувна пожар во Писак, град во Хрватска на јадранскиот брег, а според извештаите, гори шумата над главниот пат, кој е затворен во тој дел.
Пожарникарите се на местото на настанот, а ситуацијата брзо се менува поради ветерот и непристапниот терен. Жителите се обидуваат да ги заштитат своите домови, додека туристите, видливо вознемирени, го напуштаат подрачјето.
Засега нема информации за повредени.
– Пожарот се шири и ние немаме контрола врз него, спасуваме куќа по куќа – изјави за Хина командантот на ДВД, Омиш Вишеслав Пешиќ, пренесува Јутарњи.
Тој додаде дека пожарот се шири кон Писк и Омиш.
– Сè е во опасност – рече Пешиќ.
Според информациите од терен што ги доби Слободна Далмација, изгорени се околу 20 куќи. Но, засега нема официјални податоци.
Дел од мештаните и туристите беа евакуирани од Мимице, а доколку е потребно, ќе бидат сместени во салата во Омиш, изјави главниот началник на противпожарната служба Славко Туцаковиќ.
– Подготвивме сала во Омиш за сместување, доколку е потребно. Засега, таа потреба не постои, а дел од мештаните и туристите се иселени од нивното живеалиште – изјави за Хина, Туцаковиќ.
На прес-конференција во Макарска, заменик-началникот на Сплитско-далматинската полициска управа Синиша Михановиќ ја коментираше ситуацијата на местата на пожарот, потврдувајќи дека областа Мимица е најкритична утрово. Тој нагласи дека се вклучени сите служби и дека приоритет е да им се помогне на граѓаните и да се преместат на безбедно место.
Михановиќ потврди дека полицијата интензивно го истражува кривичното дело подметнување пожар што се случи во областите Макарска и Омиш.
-Правиме сè што можеме за што поскоро да ги пронајдеме сторителите и да им помогнеме на граѓаните да излезат од оваа многу опасна ситуација во областа Мимице, рече тој.
Тој изјави дека во моментов се испитуваат сите опции и дека сè уште не е можно да се зборува за бројот на сторители.
-Не можеме сега да зборуваме за тоа дали станува збор за еден или повеќе сторители. На една локација, преку доказите утврдивме како е започнат пожарот.
Тој, исто така, потврди дека пожарите во тие области навистина биле подметнати.
Ј. Ѓ.