Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски ги повикува сите пензионери со ниски примања да се пријават за еднократна финансиска помош од 2.500 денари, на јавниот повик што ќе биде објавен утре, 9 јули.
Право на пријавување имаат сите кои примаат старосна, семејна, инвалидска или социјална пензија, при што месечниот износ не смее да го надминува износот од 26.157 денари, односно просечната пензија исплатена во мај 2025 година, соопшруваат од Општина Центар.
„И годинава не ги забораваме пензионерите. Продолжуваме со поддршка за нашите највозрасни сограѓани. Оваа мерка е знак на нашата постојана грижа и солидарност“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Со барањето потребно е да се достави копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и доказ за последната примена пензија , чек или потврда од банка за месец мај или јуни 2025 година (за старосна, семејна или инвалидска пензија). Корисниците на социјална пензија треба да достават потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа.
Барањето може да се подигне и поднесе во Архивата на Општина Центар, барака број 6, или да се преземе од веб-страницата на општината: www.centar.gov.mk. Документацијата се доставува секој работен ден, од 09:00 до 14:00 часот.
Повикот ќе трае до 18 јули или до исцрпување на предвидените средства, по принципот „прв дојден, прв услужен“.
За реализација на оваа мерка, Општина Центар обезбеди 5 милиони денари од буџетот за 2025 година.