Учесниците на конференцијата за економско закрепнување на Украина во Рим ветија повеќе од 10 милијарди евра помош, изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Конференцијата, на која присуствуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски, се одржува во сенка на интензивните руски напади со беспилотни летала и ракети врз Киев.
Зборувајќи на отворањето на конференцијата, Зеленски ги опиша нападите како „чист тероризам“.
Русија треба да се соочи со построги санкции за да се зголеми притисокот врз неа да ја запре војната во Украина, рече Мелони.
-Патот за нас е јасен: да продолжиме да ја поддржуваме Украина, а од друга страна да го одржиме или дури и да го зголемиме притисокот врз Русија, пред сè преку санкции, рече Мелони, обраќајќи се пред новинарите заедно со Зеленски по отворањето на конференцијата во Рим.
Мелони и германскиот канцелар Фридрих Мерц се потсетија на закрепнувањето на нивните земји по Втората светска војна како пример за тоа што може да постигне Украина.
-Мислам дека треба да бидеме горди на резултатите што ги постигнавме денеска тука – нациите, меѓународните организации, финансиските институции, локалните самоуправи, деловниот сектор и граѓанското општество, рече Мелони во својот говор на отворањето на конференцијата.
„На денешната конференција, заедно ветивме повеќе од 10 милијарди евра“, додаде таа.
Конференцијата во Италија е четврта ваква конференција откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Европската комисија издвои 2,3 милијарди евра за обнова на Украина.
„Со 2,3 милијарди евра потпишани обврски, имаме намера да деблокираме до 10 милијарди евра инвестиции во реновирање на домовите, повторно отворање на болниците, оживување на бизнисите и енергетско осигурување“, рече претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.
„Буквално земаме удел во иднината на Украина“, додаде таа.