Државата има институции, ги повикувам да постапуваат за случајот, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со вчерашните обвинувања на скопската градоначалничка Данела Арсовска.
-Што се однесува за градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам, одговори кусо Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на целосната санација на Музејот на вода во Заливот на Коските во Охрид.
Арсовска вчера информира дека при увид и инспекциска контрола на дивоградба во Општината Чаир, била нападната, прво вербално, а потоа и физички, пред припадници на МВР.
Дека градоначалничката на Скопје била нападната додека вршела службени дејствија, потврдија и од МВР.
Арсовска вели дека заедно со советничката Ирена Витина, поминале два часа во полициската станица во Кисела Вода, каде наместо поддршка, добиле третман што таа го оцени како обид за прикривање на инцидентот.
Синоќа, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека во нападот имало физички контакт, но, дека е лага и повторен обид за манипулација на јавноста тврдењето оти тоа се случувало пред припадници на полицијата. Тој рече дека е во дилема за инцидентот: „Се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад“.
– Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи, а притоа таа не го потпишала записникот. И сега се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај којашто се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад. Би ја замолил да не бега од МВР, од институциите. Изразувам длабоко жалење и осудувам било каков напад без оглед кој е нападнат во ситуацијава. Оосбено осудувам напад врз жена, особено ако таа жена е избрана на избори и застапува градоначалник. Но да не случајно, излезе на крајот, сето ова, да не е едно добро смислено сценарио за политички циркуз, каде што жртвата ќе биде токму оној кој сторил физички напад, бидејќи добивам некои такви информации, не знам, претпоставувам, наведе Тошковски.
Ј. Ѓ.
Поврзано:
(ВИДЕО) Арсовска со драматични обвинувања кон МВР: Се обидуваат да го заташкаат тепањето