Европската Унија „останува цврста, обединета и подготвена да ги заштити“ своите интереси, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како одговор на објавата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 30 отсто на стоки од ЕУ.
– Царините се даноци. Тие ја поттикнуваат инфлацијата, создаваат неизвесност и го попречуваат економскиот раст. Ќе продолжиме да градиме силни трговски партнерства ширум светот, рече Кошта, пренесува Ројтерс.
Важно е да се остане фокусиран на трговските преговори со САД и да се избегне натамошна поларизација, соопшти кабинетот на италијанската премиерка Џорџа Мелони откако претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување царини од 30 отсто на европска стока.
Премиерката Мелони е уверена дека е можно да се постигне „праведен договор“ за царини меѓу Европската Унија и САД, се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет. Рим целосно ги поддржува напорите на Европската комисија во изнаоѓањето решение за ова прашање, се додава во текстот.
Истовремено, на одлуката за воведување царини реагираше и холандскиот премиер Дик Схоф, истакнувајќи дека одлуката на САД да воведат царини од 30 отсто на стока од Европската Унија од 1 август е загрижувачка и не претставува вистински пат.
– Европската комисија може да смета на нашата целосна поддршка. Како Европска Унија, мора да останеме единствени и одлучни во настојувањето да постигнеме заемно корисен исход со САД, порача Схоф во објава на X.
На одлуката за воведување царини реагираше и Сојузот на германската индустрија (БДИ), кој повика на итни разговори за решавање на растечките трговски тензии откако претседателот на САД, Доналд Трамп, најави воведување царини од 30 отсто на увозот на стока од Европската Унија.
– Најавата на претседателот Трамп претставува алармантен сигнал за индустријата од двете страни на Атлантикот, изјави членот на Извршниот одбор на БДИ, Волфганг Нидермарк.
БДИ ги повика германската влада, Европската комисија и американската администрација што поскоро да пристапат кон објективен дијалог и да пронајдат решенија за да се избегне понатамошна ескалација.
Претходно денеска, Трамп соопшти дека од 1 август ќе стапат во сила царини во висина од 30 отсто на сета стока која се увезува од земјите на Европската Унија и Мексико. Тој на својот профил на мрежата Трут Соушл објави копии од писмата што ги испратил до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и до претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум.