Министерството за здравство најостро го осудува секој облик на коруптивно однесување во здравствениот систем. Во врска со случајот во ЈЗУ Клиничка болница „Др. Трифун Пановски“ – Битола, каде што денес медицинско лице е затекнато при примање поткуп, Министерството веднаш иницира постапка за утврдување на дисциплинска одговорност, согласно законските процедури, соопшти попладнево Министерството.
– Реакцијата на Министерството е брза, принципиелна и недвосмислена, ставена во насока на заштитата на достоинството на пациентите и интегритетот на медицинските лица од јавното здравство. Граѓаните имаат право на фер и достоинствен третман, се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека Министерството не толерира корупција и ќе ги санкционира сите прекршоци за да ја зачува довербата во здравствениот систем.
– Очекуваме институционална истрага и завршница од надлежните органи, со цел ефикасна борба против корупцијата. Ги повикуваме граѓаните да продолжат да пријавуваат преку веб алатката „Пријави неправилности“, додека институциите да продолжат постапуваат доследно и без селективност, стои во соопштението на Министерството.
Јавното обвинителство попладнево информираше дека Основното јавно обвинителство Битола и СВР Битола постапуваат во случајот со примање поткуп кај медицинско лице од Клиничката болница во Битола.
Од Јавното обвинителство информираат дека се работи за докторка и повеќе информации најавуваат во текот на утрешниот ден.
– ОЈО Битола и СВР Битола постапуваат за кривично дело примање поткуп од осомничена докторка. Се уште се преземаат дејствија, така што повеќе информации во текот на утрешниот ден, велат од ЈО.