Не може да се исполни барањето на родителите на децата со атипичен развој за трајно вработување на образовните асистенти затоа што потребите во училиштата се променливи, вели министерката за образование Весна Јаневска. Таа порачува дека ако во иднина се појави можност дел од асистентите трајно да се вработат, тоа со задоволство ќе го прифати, но нема да дава лажна надеж.
Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) сметат дека одреден број од образовните асистенти треба да добијат согласност за трајно вработување.
– Сметам дека одреден број треба да добијат согласност за трајно вработување, а по потреба дополнително да се вработуваат на определно време. Факт е дека потребата за бројот на образовни асистенти варира, односно секоја година е различен, но факт е и дека имаме потреба од константен број кој што ќе биде со решение за неопределно време. Не е во ред секој септември асистентите да стравуваат за нивното работно место, изјави за Фронтлајн, Јаким Неделков – претседател на СОНК.
Од друга страна од Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) е неприфатливо оваа категорија на работници да не можат да се стекнат со законаки загарантираното право на трансформација на работниот однос.
– НСОН бара трајно вработување за образовните асистенти. Согласно Законот за работните односи, училиштата се должни да го трансформираат работнипт однос на асистентите после 5 години работен стаж. НСОН ќе ги преземе сите правни алатки како и синдикални со цел да ги заштите членовите на НСОН кои работата на работна позиција, образовни асистенти. За НСОН е неприфатливо оваа категорија на работници да не можат да се стекнат со законаки загарантираното право на трансформација на работниот однос, изјави за Фронтлајн, Томислав Гиевски – претседател на НСОН.
Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека доколку во иднина се појави можност дел од нив да добијат постојана работа, тоа ќе го прифати со задоволство, но нема да дава лажна надеж.
– Потребите се менуваат секоја година – ако се зголемат, ние го зголемуваме бројот на асистенти, истакна Јаневска, додавајќи дека оваа учебна година се ангажирани 1.876 образовни асистенти во основното образование, за разлика од претходната власт која оставила 300 асистенти помалку. Дополнително, за средното образование се планирани околу 150 асистенти и веќе се обезбедени средства за нив.
Таа информираше и за оптимизација на дел од училишната мрежа, но не прецизираше колку училишта ќе бидат затворени. Според Јаневска, околу стотина подрачни училишта веќе се затворени поради недостиг на ученици, а на градоначалниците им се препорачува тие објекти да се пренаменат – како старски домови или локални клубови.
Спроведена е оптимизација и околу стотина подрачни училишта во 20 општини во кои нема или има мал број на ученици се затворени.
Дестан Јонузи