Европската Унија (ЕУ) вчера го осуди убиството на петмина новинари на Ал Џезира во Појасот Газа, чиј шатор беше цел на ракета од страна на израелската армија, изјави високата претставничка на Унијата за дипломатија и безбедност, Каја Калас.
-ЕУ го осудува убиството на петмина новинари на Ал Џезира во воздушен напад (на израелската војска) пред болницата Ал-Шифа во градот Газа, вклучувајќи го и дописникот Анас ал-Шариф, изјави Калас по виртуелниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Израелската војска го обвини Шариф за соработка со исламистичката група Хамас и дека е одговорен за ракетните напади врз Израел.
Калас одговори на тврдењата на Израел дека „во такви случаи е потребно да се обезбедат јасни докази, почитувајќи го владеењето на правото, за да се спречи новинарите да бидат цел“.
Израелската армија синоќа нападна новинарски шатор во градот Газа, пред болницата Ал-Шифа, каде што, заедно со Шариф, беа убиени двајца сниматели на Ал Џезира, еден дописник и еден асистент, како и еден новинар кој не работеше за катарската медиумска куќа.
На странските новинари не им е дозволено да влезат во Појасот Газа од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, а медиумите се потпираат на локалните новинари.
Калас, исто така, го повика Израел да дозволи повеќе хуманитарна помош во Појасот Газа.
-Иако пристигнува повеќе помош, потребите се уште се многу поголеми. Го повикуваме Израел да дозволи повеќе камиони да влезат и да ја подобри дистрибуцијата на помошта, рече таа.