О2 Иницијативата упати јавен апел до кандидатите за градоначалници и советници во Град Скопје, Аеродром и Гази Баба, барајќи итни решенија за санација на депонијата Вардариште.
„Доста е со молк, одлагања и префрлање на одговорност! Вардариште не е тема за кампања – тоа е закана за нашето здравје и иднината на Скопје,“ порачуваат од иницијативата.
Тие додаваат дека очекуваат конкретни обврски од кандидатите: „Сакаме решенија, а не задкулисни игри! Кој е спремен да даде јавно ветување?“
Во апелот се наведени три приоритетни барања:
- Итна изработка и активирање на проектна документација за санација и ревитализација на Вардариште. „За тоа е потребно: итна изработка и носење на двата ДУПа за Вардариште од страна на Општина Гази Баба,“ посочуваат од О2.
- Привремени мерки додека проектите не се готови: „Запечатување, оградување, осветлување, 24-часовна чуварска служба и видео надзор – во најбрз можен рок!“
- Транспарентност и отчетност: „Транспарентно известување за секој чекор, со прецизни рокови и конкретни активности за санација и ревитализација.“
Иницијативата потсетува дека станува збор за прашање кое не смее да се третира како обично предизборно ветување:
„Ова не е борба за функција – ова е борба за ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ!“