На свечена церемонија во Монпелје – Франција, Крушево се стекна со престижното глобално признание Топ 100 Зелени дестинации 2025, влегувајќи во група на светски дестинации кои се препознаени по развојот на одржливиот туризам како главен двигател на локалниот економски развој.
Како што се истакнува во соопштението од ИМЕ (Increasing Market Employability Program – IME), ваквото признание е резултат на долгогодишнниот, заеднички и посветен пристап на сите чинители – општината, локалните бизниси, здруженија, институции и граѓани, кои работат на развој на туризмот како двигател на локалната економија. Исто така, претставува моќна алатка за меѓународна промоција и маркетинг, стекната во конкуренција со дестинации од 33 земји ширум светот.
„Крушево веќе подолго време се позиционира како водечки хаб за авантуристички туризам, со посебен акцент на параглајдерството, каде што природните услови, надморската височина и термалните струи го прават ова место едно од најдобрите во светот. Изминативе неколку години со изградбата на велосипедските патеки по меѓународни страндарди станува и дестинација во подем за планински велосипедизам. Градот редовно е домаќин на меѓународни натпревари и тренинг кампови, привлекувајќи професионалци и ентузијасти од сите континенти, што дополнително ја зацврстува неговата репутација како одржлива и активна туристичка дестинација.
Зелена дестинација 2025 е доказ дека кога заедницата делува обединето, резултатите се глобално препознаени. Крушево како дестинација покажаа дека одржливиот туризам не е само цел, туку и патека кон економски раст, зачувување на природата и подобрен квалитет на живот. Дополнително, во моментов десетина локални бизниси поминуваат низ процес на исполнување на принципите, воведување на зелени практики и здобивање со сертификатот Good Travel Seal – меѓународно признат знак за квалитет и одржливост во туризмот, наменет за мали и средни туристички бизниси, дестинации и услуги кои се стремат кон одговорно работење.
На конференцијата во Монпелје во фокус беа глобалните трендови во туризмот, каде сè поголем акцент се става на зголемена одржливост, автентичност, локално искуство, климатска отпорност, зелени сертификати и усогласеност со новите еколошки регулативи на ЕУ.
Оваа иницијатива е резултат на континуираната поддршка на Швајцарија во земјата“, стои во соопштението а честитки упати и Швајцарската амбасада.
Градоначалникот на Крушево Томе Христоски во објава на социјалните мрежи вели дека „ова признание од Монпелје, Франција е потврда дека Крушево се движи по вистинскиот пат“.
„Нашиот мал град со големо срце влезе во престижната листа Топ 100 зелени дестинации во светот за 2025 година!
Ова признание од Монпелје, Франција е потврда дека Крушево се движи по вистинскиот пат – развој на туризмот кој ја чува природата, ја почитува историјата и носи нова енергија за иднината.
Оваа награда не е само за општината – таа е за сите вас што верувате, вложувате и ја сакате оваа наша убавина.
Крушево може да биде пример за целиот свет“, истакнува Христоски.
Тој упати благодарност до Швајцарските програми ИМЕ и СИППО за постојаната поддршка и долгогодишната соработка.
Редакција Фронтлајн