Одлуката на Владата на Христијан Мицкоски, со која се укинува двојазичноста на полициските униформи, предизвика лавина реакции во јавноста и сериозни предупредувања од експертите и граѓанските организации за нарушување на мултиетничкиот баланс.
– Мисијата е силен застапник на Охридскиот рамковен договор. Во рамки на својот мандат, таа продолжува да поддржува професионално, отчетно и доверливо полициско работење согласно меѓународните стандарди и најдобри практики, порачуваат од Мисијата на ОБСЕ во Скопје во изјава за Фронтлајн.
Претходно Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, остро ја осуди одлуката:
„Доколку се усвои, оваа одлука на владата на Мицкоски носи сериозни правни и уставни ризици. Таа е директно спротивна на Законот за употреба на јазиците… Отстранувањето на елементите на албански јазик испраќа порака на исклучување и статус од втор ред за засегнатата заедница,“ изјави тој за Фронтлајн.
Сличен став има и проф. д-р Башким Селмани од Универзитетот во Тетово, кој смета дека двојазичноста е вредност, а не пречка:
„Сите граѓани ја гледаат полицијата како заштита, а двојазичната униформа би било уште повеќе богатство – бидејќи ја покажува вистината на теренот,“ рече Селмани.
Ивон Величковски, лидер на Движењето за нова република, предупреди дека со вакви одлуки Владата ја турка земјата во „предрамковна состојба“ и создава услови за нестабилност.
Одлуката за полициските униформи, наместо да придонесе за доверба и еднаквост, според аналитичарите, може да стане извор на дополнителни тензии и недоверба пред локалните избори.
Дестан Јонузи
Полициските униформи без двојазичност – уставна и политичка бомба