ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Интервју со Дино Имери, пијанист и Дијана Илкоска Имери, диригентка: „Дон Кихот“ го носиме во Скопје

October 13, 2025 12:22
in ZOOM IN, ДЕНЕС, ИНТЕРВЈУ, КУЛТУРА
Дино Имери и Дијана Илкоска Имери

Дино Имери и Дијана Илкоска Имери

Share on FacebookShare on Twitter

Естетиката на нашето дело доби невообичаен печат и поради оркестрацијата, преку која на сликовит начин користејќи различни специјални ефекти и техники на свирење ги оживеавме ветерниците, витештвото на Дон Кихот, љубовта, страдањето, страста, како и триумфот на доброто над злото.

Не само што уживавме во процесот на создавање, туку и нѝ беше еден вид на терапија, зацелување и мотивација да ги надминеме предизвиците во нашиот личен живот предизвикани од ветерниците во нашето опкружување – лицемерието, неправедноста и рамнодушноста. Затоа на еден начин ова дело и тоа како е автобиографско и претставува издигнување над злобата на која ѝ пркосиме со креација.

21 октомври (вторник) е денот кога во фоајето на Националната опера и балет од 19 часот, ќе се случи еден навистина интересен мултимедијален настан. Шпанската амбасада, по повод Националниот ден на Шпанија – 12 Октомври, организира премиерен концерт, изложба на уметнички слики и промоција на книга, сето тоа на тема „Дон Кихот“ од славниот Мигел де Сервантес.

Главни протагонисти се двајцата македонски реномирани музички уметници – пијанистот Дино Имери и диригентката Дијана Илкоска Имери, со кои разговараме на повеќе теми, но секако фокусот е на нивниот најнов проект. Двајцата, во случајов, освен како учесници на настанот, се јавуваат и како композитори на Концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар под наслов „Дон Кихот во Скопје“, кој светската премиера ќе ја доживее токму на 21 октомври.

Во фоајето на НОБ, инаку, ќе бидат изложени уметнички дела на почитуваниот сликар Владимир Георгиевски, дел од неговата колекција „Дон Кихот“, новосоздадени скулптури „Дон Кихот и Санчо Панса“ од младата уметница Јана Николовска, а ќе има и промоција на илустрирана книга за деца под наслов „Дон Кихот“.

Амбасадата на Шпанија, на 21 октомври, најавува нешто возбудливо. Токму вие сте вклучени во тој настан, којшто го прославува Националниот ден на Шпанија. Вие ќе учествувате како музички уметници, но овој пат, се јавувате и како композитори на дело коешто ќе ја доживее светската премиера. Можете ли да ни појасните за што конкретно станува збор?

– Се работи за многу уникатен и несекојдневен мултимедијален проект којшто тлееше како идеја подолго време. Сакавме да создадеме уметничко дело кое во себе ќе содржи музика, литература, ликовна уметност и преку тоа да раскажеме приказна која е инспирирана и поттикната од нашите животи и искуства со тематика која е многу актуелна и современа, а нѐ засега сите нас, но немавме конкретна насока како сето тоа да го споиме. Во вистинскиот миг се појави поканата од Шпанската амбасада, со која веќе имавме фантастична соработка и минатата година, да бидеме дел од креирањето на уметничката програма по повод Националниот празник на Шпанија. Токму во тој момент светна идејата и се поврзаа сите работи во една убава приказна чија нитка е токму тој – Дон Кихот, вечниот трагач и борец за вистинските вредности. Сметавме дека тој претставува идеален симбол преку кој можеме да ја раскажеме нашата приказна, а истовремено да дадеме ново руво на генијалната творба на Сервантес кој е еден од најзначајните претставници на шпанската култура и уметност. Па така решивме Дон Кихот да го „донесеме“ во Скопје преку оригинални музички идеи и уникатна фузија на македонски и шпански фолклор, а во него проткаена приказната на Дон Кихот и неговата борба со македонските ветерници, но овој пат низ перото и автентичното толкување на Тина Иванова. Приказната дополнително ја раскажуваме преку уметничките слики на нашиот великан Владимир Георгиевски, чиј централен тематски лик во неговите творби е токму Дон Кихот, а дополнително одлучивме на истиот настан да промовираме книга за деца насловена „Дон Кихот“, како и новосоздадените скулптури „Дон Кихот и Санчо Панса“ од младата и перспективна уметница Јана Николовска.

Нашето музичко дело е напишано во форма на Концерт за пијано, гитара и камерен оркестар и на наше огромно задоволство ќе ја доживее светската премиера на 21.10.2025 во НОБ, заедно со камерниот оркестар „ID chamber orchestra“, Ади Имери (како солист на гитара) и авторката на текстот Тина Иванова (како наратор).

Овој пат ќе Ве видиме, слушнеме, во малку поинаква улога. И досега сте промовирале Ваши дела и тоа не само во Македонија, туку и надвор од границиве, но чинам, овој пат е нешто поразлично. Се работи за поголема форма на музичко дело – Концерт со солисти. Ве молам, за предизвиците, за идејата, за комплексноста на создавањето на „Дон Кихот во Скопје“?

– На создавањето на ова дело претходеше интензивен период на истражување, еден вид на археолошки потфат, ако сакате, во кој длабински и суштински го анализиравме литературното дело, главните карактеристики на шпанскиот фолклор од повеќе географски региони на Шпанија. Ја проучувавме адаптибилноста и можноста за варирање и трансформација на шпанскиот фолклор со нашиот фолклор кој веќе го познаваме многу добро. Овој процес беше за нас двајцата многу интересен, а нѝ отвори комплетно нови сознанија и идеи во понатамошната музичка реализација. Естетиката на нашето дело доби невообичаен печат и поради оркестрацијата, преку која на сликовит начин користејќи различни специјални ефекти и техники на свирење ги оживеавме ветерниците, витештвото на Дон Кихот, љубовта, страдањето, страста, како и триумфот на доброто над злото. На многу интересен и природен начин се поделија нашите авторски улоги, односно двајцата се надополнувавме секој во сферата во која чувствува поголем афинитет кон различните аспекти и елементи од една музичка творба. На пример, додека едниот од нас ќе создадеше оригинална музичка идеја и тема, хармонизирана на единствен и автентичен негов хармонски јазик, другиот ќе го обогатеше оркестрациски, истовремено градејќи ја јасната формална структура на делото.

Иако е навистина многу тешко да се напише вакво големо и сериозно дело за ваков состав, може да се каже дека не само што уживавме во процесот на создавање, туку и нѝ беше еден вид на терапија, зацелување и мотивација да ги надминеме предизвиците во нашиот личен живот предизвикани од ветерниците во нашето опкружување – лицемерието, неправедноста и рамнодушноста. Затоа на еден начин ова дело и тоа како е автобиографско и претставува издигнување над злобата на која ѝ пркосиме со креација.

Со оглед на тоа што се работи за навистина нешто интересно и поинакво од она што го слушаме на македонската музичка сцена, имате ли план за изведба и надвор од Македонија?

– На наше огромно задоволство уште пред премиерната изведба добиваме покани за изведба на ова дело во неколку европски земји, а првата таква изведба ќе се случи веќе наредниот месец во Париз – светскиот центар на уметноста. Во тек се и преговори за премиера на ова дело во неколку градови во Шпанија и Италија во текот на 2026 година, а размислуваме и за издавање на носач на звук со што делото ќе биде трајно документирано.

Бидејќи сте сеопфатни уметници, се занимавате со солистички концерти, диригирање, аранжирање, компонирање, можете ли да дадете куса оценка за класичната музичка сцена кај нас, еве, и во делот на македонската современа музика? Сметате ли дека се развива во чекор со европските и светските стандарди?

Дијана:
– Многу е тешко и неблагодарно да се даде оценка дали македонската современа музика е во чекор со европските и светските стандарди, затоа што најголем показател за успешноста на едно музичко дело е времето. Така било и низ историјата на музиката, така и ќе остане. Како диригент и изведувач не ми било толку важно да следам некои трендови туку пред сѐ во едно дело првично ме привлекува емоцијата којашто ја носи, автентичноста во изразот, естетиката и така натаму. А доколку прашањето наведува на тоа дали Македонија има квалитетни композитори, мојот одговор е дефинитивно да – можеме да се гордееме со многу успешни, талентирани и образовани млади композитори кои нижат успеси и кои ја збогатуваат македонската музичка ризница.

Дино:
– Звучи како прашање на кое треба да дадат одговор музиколозите или музичките новинари и критичари. Мојот целосен фокус е на мојата уметничка дејност што е голем предизвик сам по себе. Мојата посветеност не ми дава премногу простор да размислувам за сцената и тековните трендови.

Нашево општество е политизирано. Политиката е вмешана и во културата. Скопје ќе ја понесе титулата Европска престолнина на културата 2028. Ваша генерална оценка за културата, за Скопје, вашата визија за градската култура? Гледате ли светлина на крајот од тунелот?

– Не сме доволно запознаени со Скопје 2028, но се разбира дека доколку од тоа има потреба можеме да ги понудиме своите уметнички капацитети како придонес кон културата во нашиот град. Впрочем, тоа го правиме редовно преку нашите заложби да настапуваме дома покрај нашите гостувања во странство. Состојбата со културата е динамична работа – се менува постојано, а резултатите може да се постигнат исклучиво со посветен труд.

Дијана, ова прашање е за Вас, но секако може и Дино да се вклучи во одговорот. Ви се случи немил настан, останавте без работа, „благодарение“ веројатно на нечии каприци, или неукост, којзнае. Јас досега, барем во последно време, немам слушнато дека некој од областа на културата вработен во институциите, добил отказ, без негова вина. И не само вина, туку ве сметаа за една од најангажираните во Македонската филхармонија на позицијата на којашто бевте вработена. Како се чувствувате по тоа прашање сега?

Дијана:
– За ова јавно говорев неколку пати и во детали ја објаснував мојата ситуација. Во поглед на тоа како се чувствувам сега, можам да кажам дека се чувствувам одлично! Доживеав вистинска преродба од секој аспект на животот. Всушност, така и се роди делото „Дон Кихот во Скопје“, но и многу други кои ќе ја доживеат своја премиера во периодот што претстои. Ме чекаат нови настапи, гостувања во странство, како и нови нарачки за композиции и аранжмани на кои периодов интензивно работам.

Добивте ли поддршка од Синдикатот, од Вашите колеги, застанаа ли зад Вас да ве поддржат? Или, наидовте на неми и глуви луѓе, на игнорантски однос?

Дијана:
– Не добив никаква особена поддршка, а да бидам искрена –  не ја ни очекував, бидејќи секогаш во мојот живот сум се борела сама за себеси. На моја огромна среќа има кој да ме поддржи безусловно низ животните ситуации и битки, а тоа се моето семејство и моите најблиски луѓе. Игнорантскиот однос кој го начнувате како тема во самото прашање, можам да кажам дека е рефлексија на огромен кукавичлук и немање свој личен интегритет, ниту достоинство и индивидуалност во интерпретирање на нештата од било која тематика или сфера од животот. Па таквите луѓе немаат способност да му застанат некому во заштита и да го земат под закрила, макар и како морална поддршка. Како и да е, секој со својата судбина – мојата била животот да ме пушти низ дебел филтер кој ќе ме исчисти од лажни и токсични луѓе за што сум многу благодарна.

Се надевам дека работите ќе се средат, ќе биде подобро, ќе се најдат луѓе коишто ќе ги вреднуваат вашите квалитети. Што е следно, после „Дон Кихот во Скопје“?

Дијана:

– Ми претстои креативен и инспиративен период во кој ќе работам на неколку нарачки на дела и аранжмани за различни ансамбли и музички состави. Во преговори сум со неколку промотери на различни оркестри од Америка и Европа, со кои верувам дека ќе остварам убава соработка како нивна диригентка следната 2026 година.

Дино:

– По концертот во Париз се враќам во Скопје, каде е во план да настапам со мојот драг колега и врвен виолончелист Драган Ѓорѓевиќ од Србија со кого ќе изведам интересна рецитална програма со што ќе ја заокружам оваа концертна календарска година. Во меѓувреме продолжува мојата творечка дејност како композитор, а се разбира и мојата педагошка и истражувачка работа како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Јане Ѓорѓиоски

Фото: Архива на Дино Имери и Дијана Илкоска Имери

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: Дијана Илкоска ИмериДино ИмериДон Кихот во Скопјеинтервју
Next Post
Скриншот

Макрон: Ќе останам на функцијата за да ја гарантирам стабилноста на Франција

НАЈНОВО

Фото: Македонски народен театар

Повик за учество на петдневна работилница во МНТ под менторство на грчкиот актер и режисер Емануел Константинидис

October 13, 2025

Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

October 13, 2025

Две хуманитарни џез вечери во Куманово под мотото „Музика за Филип – поддршка за Кочани“

October 13, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Фото скриншот

    Кокаин, оставка и извинување: Скандалот со директорот на Неврологија и член на ВМРО-ДПМНЕ д-р Кузмановски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Израел почна со ослободување палестински затвореници по размената со Хамас

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Виктор Спасески од Прилеп победник на 15. издание на „Поетски слем Македонија“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Даскаловски: Струмица е град кој не се покорува, да ја продолжиме успешната приказна што ја градиме 20 години

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Вучиќ вели „Албанците се нервозни бидејќи излезноста на Србите на локалните избори во Косово е поголема“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk