Првиот круг од локалните избори во Северна Македонија донесе нова распределба на силите во албанскиот политички блок, но не и апсолутен победник. Според политичкиот аналитичар Дритон Зенку, резултатите покажуваат дека албанските партии остануваат длабоко поделени, додека ВМРО-ДПМНЕ успеа да стане клучен фактор во неколку општини со албанско мнозинство.
– Во првиот круг од локалните избори, градоначалници се избрани во неколку општини со албанско мнозинство, но резултатот не беше драматично во полза на само една албанска партија. Не се случи ‘целосна победа’ на некој албански субјект кој би ги доминирал сите општини, изјави Зенку за Фронтлајн.
Според него, локалниот успех не се претвори во реално политичко влијание на централно ниво, што ја покажува континуираната фрагментација во рамките на албанскиот блок.
– Оваа локална победа не се претвори веднаш во целосно влијание на централно ниво, додава Зенку.
Зенку посочува дека ВМРО-ДПМНЕ во повеќе општини со мнозиство Албанци направи забележлива разлика, а во дел од нив беше клучен фактор во одлучувањето на победникот.
– Во општините со албанско мнозинство, ВМРО-ДПМНЕ направи видлива разлика и во некои случаи беше пресуден фактор, истакнува тој.
Според неговата анализа, Националната алијанса за интеграција (НАИ) оствари подобар резултат на републичко ниво, додека коалицијата ВЛЕН освои неколку општини, но вкупниот впечаток на победник го носи партијата на Мицкоски.
– Како блокови, Национална алијанса за интеграција (НАИ) освои повеќе гласови на републичко ниво — и за советници и за градоначалници. ВЛЕН победи во неколку општини, но печатот на општата победа го носи партијата на Мицкоски, нагласува Зенку.
Аналитичарот потсетува дека НАИ не влезе во предизборни коалиции со македонски партии, додека ВЛЕН беше партнер во коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, што ѝ обезбеди дополнителна сила на локално ниво.
– Треба да се нагласи дека НАИ немаше поволна алијанса со македонските партии, додека ВЛЕН беше ко-победник заедно со ВМРО-ДПМНЕ, заклучува Зенку.
Публицистот и писател Ким Мехмети, во својот последен коментар, остро реагираше на тезите дека ДУИ ги изгубила изборите, велејќи дека вистинскиот победник останува „македонскиот владетел“.
– Смешни се оние кои велат дека ДУИ ги изгубила овие избори. Не, и овие избори, исто како сите претходни, ги доби партијата што, служејќи им на македонските владетели, ја покриваше вистината дека Албанците не се државотворен, ниту соправителски народ, пишува Мехмети.
Тој смета дека албанскиот политички спектар само го променил изгледот, но не и суштината, и дека се работи за внатрешен судир на истите структури кои две децении ја држат власта.
– Крилото на Чаир на ДУИ – кое се покри со ново име – донекаде го порази крилото на Зајас, кое исто така се маскираше со нова емблема, само за да не се препознаат старите лица што дваесет години го лажат народот, наведува Мехмети.
Во својата анализа, тој оди чекор подлабоко, опишувајќи го албанскиот гласачки корпус како „стадо со многу пастири“, кое на секои избори ја легализира сопствената политичка маргинализација.
– Албанците во Македонија секогаш само ја гласале и легализирале сопствената поразеност. Сите тие избори секогаш ги добивал македонскиот владетел, пишува тој.
Во заклучокот, тој предупредува дека ако продолжи политичката дефакторизација на Албанците, самата држава ќе се соочи со сериозна дестабилизација.
– Премиерот на Северна Македонија не треба многу да им верува на овие безвредни ВЛЕН-исти, затоа што ако продолжи дефакторизацијата на Албанците, тогаш оваа држава ќе оди по ѓаволите, завршува Мехмети.
Резултатите од првиот круг на локалните избори го потврдуваат тоа што аналитичарите одамна го најавуваат: албанскиот политички блок влегува во нова етапа на фрагментација, без јасен лидер и без заедничка стратегија на централно ниво. Со оглед на тоа што вториот круг ќе се одвива под влијание на коалициските комбинации, се очекува ВМРО-ДПМНЕ и понатаму да ја задржи клучната улога во распределбата на локалната власт – особено во мешаните општини.
Дестан Јонузи