ДУИ и ВЛЕН во меѓусебни обвинувања за анти-НАТО политики, српски влијанија и коалиции со Левица – реториката станува сè поостра пред вториот круг на локалните избори.
Пет дена пред вториот круг на локалните избори, политичката сцена во Северна Македонија се наоѓа во атмосфера на зголемени тензии и остри меѓупартиски обвинувања. Главните албански политички субјекти ВЛЕН и ДУИ — разменуваат тешки зборови и меѓусебни критики, додека партијата Левица повторно се најде во центарот на вниманието поради своите контроверзни ставови.
Политичкиот аналитичар Урим Салиу во изјава за Фронтлајн оценува дека албанските партии имале „многу остра реторика и конфронтација“ во првиот круг на локалните избори, но дека во вториот круг настапуваат „со поголема воздржаност“, иако, како што вели, „тензиите сè уште се присутни“.

„Причината е јасна – големата битка за неколку клучни општини, меѓу кои и Тетово, продолжува“, вели Салиу.
Според него, во оваа изборна фаза албанските партии не можат да се потпрат исклучиво на етничките гласови.
„Во некои општини ќе им бидат потребни и гласовите на Македонците, што ги принудува да бидат повнимателни во пораките“, нагласува аналитичарот.
Салиу додава дека во првиот круг, кампањата не била вистински насочена кон локалните проблеми, туку кон „пошироки политички битки обвиткани во националистичка и патриотска реторика“.
Во вториот круг, меѓутоа, ситуацијата се комплицира поради сигналите што ги испраќа премиерот Христијан Мицкоски, кој неодамна јавно ја изрази својата незадоволност од дел од коалициските партнери.
„Мицкоски порача дека ‘им даде сè, а не доби ништо за возврат’. Тоа отвора нова фаза на неизвесност во односите во владејачката коалиција“, оценува Салиу.
Аналитичарот смета дека останува да се види дали овие тензии ќе се рефлектираат во изборните резултати на 2 ноември, како и за иднината на владината коалиција.
„Јасно е дека по вториот круг може да се очекуваат значајни политички развојни настани и во албанскиот, и во македонскиот политички блок“, заклучува Салиу.
Од коалицијата ВЛЕН реагираа остро на, како што велат, обидите на Левица да зборува за толеранција и заеднички живот.
– ВЛЕН со презир го гледа обидот на Левица – партија позната по јазикот на омраза, антинатовските ставови и ултранационалистичката реторика – да држи лекции за ‘шовинизам’ и ‘толеранција’. Иронијата е очигледна – токму тие што со години го труеја јавниот простор со поделби и политички примитивизам, денес зборуваат за заедништво“, се наведува во соопштението на ВЛЕН.
Од ВЛЕН посочуваат дека ДУИ, преку својот нов коалициски партнер Левица, „ја поддржува една од најанти-западните партии во земјата“, и додаваат дека тоа го гледаат како „акт на политички очај“.
– Комбинацијата од очај и лицемерие доби одговор на 19 октомври, кога граѓаните јасно им ја покажаа вратата и на едните и на другите, стои понатаму во реакцијата.
Од своја страна, ДУИ обвини дека ВЛЕН „ја заменува албанската агенда со српска политика“ и дека во своите редови воведува структури и симболика кои, како што велат, се спротивни на интересите на Албанците во земјата.
– ВЛЕН ги заменува Албанците со Срби во раководните позиции во извршната власт, воведува српски капитал преку банки и бизниси, маршира со Милорад Додик во Скопје, Битола и Куманово, се реди до Вучиќ, ги понижува претседателката на Косово Вјоса Османи и ветераните од Ослободителната војна, соопштија од ДУИ.
Од партијата додаваат дека „ВЛЕН слави пораз како што тоа го прават Србите по битката на „Газиместан“, со што го воведуваат терминот „синдром на Газиместан“.
– Историјата познава само еден ваков случај – поразените Срби кои ја слават битката од 1389 година. Денес, тој синдром е присутен и кај ВЛЕН, кои очигледно се опфатени од т.н. ‘српски свет’“, стои во реакцијата на ДУИ.
Политички аналитичари предупредуваат дека реториката меѓу албанските партии никогаш не била поостра и дека тоа може да влијае врз излезноста во вториот круг, закажан за 2 ноември 2025 година.
Според податоците на Државната изборна комисија, во првиот круг на изборите од 19 октомври гласале околу 48,3 % од избирачите. Во повеќе општини каде ниту еден кандидат не освои над 50 % од гласовите, ќе се одржи втор круг.
Меѓународните набљудувачи, меѓу кои и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и домашната ЦИВИЛ – центар за слобода оценија дека изборите биле „конкурентни, но одбележани со висока поларизација и остра реторика“, особено на етничка основа.
Дестан Јонузи





