Зградата на Вјесник во Загреб изгоре во големиот пожар што избувна во понеделникот вечерта. Областа на крстосницата меѓу Славонска авенија и Савска цеста и денес е под посебен сообраќаен режим, а на терен се полицијата и пожарникарите кои постојано дежураат.
Вчера пожарникарите имаа повеќе интервенции поради повторно појавување дим од зградата. Во објектот сè уште никој не смее да влезе, бидејќи статичарите проценија дека конструкцијата е нестабилна и опасна за луѓе. Поради тоа не е започнат ниту полицискиот увид.
Хрватската полиција вчера приведе две млади лица на информативен разговор, поради сомнеж дека можат да имаат сознанија за избиувањето на пожарот. Според информациите што ги сподели Index.hr, постојат силни индиции дека во понеделник навечер во објектот незабележано влегла група од пет до шест млади лица.
Извори од противпожарната единица за Index ја потврдиле и причината за брзото ширење на пожарот, која ќе биде официјализирана кога ќе биде дозволен влез во зградата и извршен целосен увид.
Пожарот избувна по 23 часот, во момент кога на 16-тиот кат – каде што се наоѓала радио-станицата FM – немало ниту еден вработен. Радио-водителот Корнелије Хеќимовиќ изјави дека пожарот можел да има фатални последици доколку почнел порано во текот на денот: „Да се случело тоа 12 часа порано, сега ќе одевме по разни погреби“, рече тој.
Судскиот вештак Жарко Жељко за Нова ТВ објасни дека високите температури и долгото горење можеле трајно да ја нарушат носивоста на објектот. Според него, ако пожарот траел подолг период на едно место и температурите достигнале 550 до 600 степени, армираниот бетон можно е да ја изгубил својата цврстина.
Тој посочи дека во такви случаи најпрво страдаат столбовите, потоа гредите и плочите, и дека деталната обиколка ќе покаже дали дел од конструкцијата воопшто може да се спаси. „Од моја перспектива, не се исплатува реконструкција, затоа што санациите и обновувањето се многу поскапи. Најреално е оваа зграда да се урне и да се изгради нова“, изјави Жељко.
Додаде и дека од фасадата во секој момент може да се оддели материјал и дека граѓаните треба да ја избегнуваат областа во поширок круг.





