Буџетот за 2026 година, тежок 6,73 милијарди евра, веќе ја отвори најжешката економска дебата во државата. Опозицијата го нарекува „ризичен и неразвоен“, додека економските експерти предупредуваат дека документот се темели на преценети приходи и може да доведе до рано отворање на ребаланс.
Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, остро предупреди дека Владата ја води државата во фискален ќор-сокак, при што каматните плаќања би можеле да станат најголем буџетски товар во наредните години.
– Каматните трошоци годинава изнесуваат околу 300 милиони евра, или 2% од БДП. Ако ова темпо продолжи, за две години државата ќе мора да издвојува и до 4% од БДП само за камати и провизии. Тоа е пат кон криза, изјави Битиќи.
Тој посочи дека капиталните инвестиции се на најниско ниво во последната деценија – само 9,7% од буџетот, што, како што вели, „ја лишува економијата од кислород“.
Критики стигнаа и од Демократската унија за интеграција. Пратеничката на ова партија Рина Ајдари реагираше на намалувањето на средствата за рамномерен регионален развој – од 348 на 253 милиони денари.
– Се трошат милиони за плати и привилегии, додека општините остануваат без поддршка. Јавниот долг надмина 60% од БДП – државата станува хроничен должник, нагласи Ајдари.
На Комисијата за финансирање и буџет беше прифатен само еден амандман – оној на ВМРО-ДПМНЕ за патна инфраструктура во Штип, што предизвика нова политичка полемика.
– Очигледно има привилегирани и дискриминирани пратеници. Нашите амандмани не поминуваат, иако се од суштински интерес за граѓаните, оцени Халил Снопче, пратеник на Алијансата за Албанците (Арбен Таравари)
Буџет „стабилен на хартија, ранлив во реалност“
Во интервјуто на д-р Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс Тинк“ за Фронтлајн (17 ноември), се укажува дека буџетот носи сериозни макроекономски ризици.
– Приходите се проектирани повисоко од реалното. Сè што е над 6% раст е козметика што ќе доведе до рано отворање на ребаланс, вели Петрески.
Таа предупредува и дека растот на платите и пензиите е побрз од растот на продуктивноста, што создава „леплива инфлација“.
– Плаќаме повеќе за јавната администрација, а не добиваме подобри услуги. Без системска оптимизација, ова останува фискален товар, додава таа.
Освен тоа, Петрески ја посочува нефункционалноста на системската борба против неформалната економија, како и „скриените долгови“ на здравството, општините и јавните претпријатија, кои може да ја нарушат ликвидноста на буџетот.
Дебатата околу буџетот за 2026 го открива длабокиот јаз помеѓу политичката економија и реалните економски параметри. Додека Владата го брани документот како стабилен и развоен, опозицијата и експертите предупредуваат на акумулирани ризици: растечки долгови, ниски капитални инвестиции, инфлаторни притисоци и преценети приходи.
Со оглед на темпото на задолжување и слабата реализација на приходите, едно прашање останува клучно за 2026 година: ќе издржи ли буџетот до крај или државата ќе се соочи со рано отворање на ребаланс и нов бран фискален притисок?
Дебатата во комисијата за Предлог-буџетот за 2026 година, во висина од 6,73 милијарди евра, треба да заврши за една недела, а пленарната седница ќе се одржи на 9 декември.
Дестан Јонузи





