Пред почетокот на второто рочиште за случајот поврзан со трагедијата во дискотеката „Пулс“, граѓанската иницијатива „Кој е Следен?“ утрово изведе симболична герила акција пред Кривичниот суд во Скопје. Пред влезот беа поставени десетици големи стилизирани „очи“ како порака дека јавноста внимателно го следи судскиот процес.
Од иницијативата велат дека акцијата има за цел да потсети дека семејствата на загинатите, преживеаните и целата јавност очекуваат правично, независно и транспарентно судење, без одолговлекувања и без политички притисоци.
„Правосудниот систем денес повторно е под будното око на јавноста. Поставивме очи пред Кривичен суд за да биде јасно дека секој потег се следи и секоја одлука се памети. Ве гледаме“, порачаа од „Кој е Следен?“ во писменото соопштение.
Од иницијативата дополнуваат дека ќе продолжат да го следат процесот и да реагираат во моменти кога ќе проценат дека транспарентноста или правдата може да бидат нарушени.
Случајот се однесува на трагичниот пожар и загинатите во дискотеката „Пулс“, што уште еднаш ја отвори темата за одговорноста и функционирањето на институциите.
Редакција Фронтлајн













































































































