Blumhouse и Universal започнуваат нов обид да го оживеат култниот хорор „Егзорцист“, овојпат со „свежа и смела“ визија на режисерот и сценарист Мајк Фланаган. Главната улога во филмот ќе ја толкува Скарлет Јохансон – најголемото изненадување во кастингот на проект што веќе привлекува големо внимание во филмските кругови.
Овој нов „Егзорцист“ не е римејк ниту директно продолжение. Наместо тоа, приказната ќе се одвива во „универзумот на Егзорцистот“, онака како што Фланаган ќе го дефинира – мистерозно, мрачно и наводно целосно ослободено од обврска да ги повторува настаните од оригиналот.
Франшизата последен пат се обиде да оживее во 2023 година со The Exorcist: Believer, но слабиот одѕив од публиката и критиката ја стопираше замислената трилогија. Новиот пристап треба да ја извлече приказната од тој ќор-сокак.
Фланаган: „Егзорцист е причината што станав режисер“
„The Exorcist е една од причините поради кои станав филмаџија. Да имам можност да создадам нешто свежо, смело и навистина страшно во неговиот универзум е огромна чест“, изјави Фланаган во мај 2024 кога беше потврдено неговото учество.
Дејвид Робинсон, претседател на Morgan Creek – сопствениците на правата – нагласи дека визијата на Фланаган ќе „ги шокира гледачите ширум светот“.
Старо наследство, нов пристап
Оригиналниот Exorcist од 1973 година, базиран на романот на Вилијам Питер Блати, ја раскажува приказната за демонска опседнатост на младо девојче и обидите на свештениците да ја спасат. Филмот доби 10 номинации за Оскар и создаде митологија што се протега низ генерации гледачи.
Подоцнежните продолженија и спин-оф проекти се фокусираа на истите ликови или нивните позадински приказни – од свештениците до детективите кои истражуваа други случаи. Новиот филм се очекува да ги напушти тие шеми и да понуди модерна, независна хорор-нарација.
Продукцијата зад проектот
Фланаган работи преку својата Red Room Pictures, додека Робинсон продуцира за Morgan Creek Entertainment. Blumhouse го дава својот хорор-печат преку Џејсон Блум и Рајан Турек.
Скарлет Јохансон доаѓа по успехот на Jurassic World: Rebirth, кој заработи над 868 милиони долари ширум светот и уште еднаш ја потврди нејзината моќ да носи големи блокбастери.
Извор: Hollywood Reporter
Адаптација: Редакција Фронтлајн





