Најмалку две лица го загубија животот, а 37 се повредени, меѓу кои и едно дете, во масовен руски ракетен и дронски напад врз украинската престолнина Кијив извршен во текот на ноќта меѓу 28 и 29 ноември, соопштија локалните власти, пренесува Kyiv Independent.
Новинарите кои биле на терен, јавуваат дека експлозии и звуци од дронови се слушале кратко по 1 часот по полноќ, додека украинските власти предупредиле на комбиниран напад со ракети и беспилотни летала. Нападот траел со часови, со повеќе бранови експлозии.
Воздушната тревога била активирана на територијата на цела Украина, откако Русија лансирала десетици ракети и стотици дронови кон главниот град. Нов бран напади бил регистриран околу 7 часот наутро, кога биле употребени и хиперсонични ракети од типот „Кинжал“.
Според украинските воздухопловни сили, во текот на ноќта биле лансирани 596 „Шахед“ дронови за напад и мамка, како и 36 ракети од различни типови. Воздушната одбрана успеала да пресретне 558 дронови и 19 ракети.
Штети се пријавени на најмалку шест локации во градот, меѓу кои повеќекатни станбени згради во реоните Свјатошински, Дњипровски, Дарницки, Шевченковски и Соломјански. Во повеќе објекти избувнале пожари, а неколку станови биле целосно уништени, особено на повисоките катови.
Едно лице било извлечено без знаци на живот од урнатините во Свјатошинскиот реон, соопштија локалните власти. Најмалку 17 од повредените се хоспитализирани, информираше градоначалникот на Кијив, Виталиј Кличко, додавајќи дека меѓу повредените има и дете.
По утринскиот бран напади евидентирани се прекини во снабдувањето со електрична енергија и намален притисок на водата во западните делови на градот. Кличко изјави дека итните служби работат на санација на штетите. Генералниот директор на Укренерго соопшти дека оштетени се далноводи и дека речиси половина од Кијив останал без електрична енергија.
Поширокиот напад ја зафатил и Кијивската област. Во градот Бровари бил оштетен деветкатен станбен објект, а најмалку две лица се повредени. Украинската државна служба за итни ситуации информира дека се оштетени и неколку индивидуални куќи, како и дваесет гаражи.
Русија и натаму редовно изведува напади врз украински градови, често насочени кон цивилна инфраструктура, со сериозни последици по цивилното население. Само неколку дена претходно, во сличен масовен напад врз Кијив, загинаа седум лица, а дваесетина беа повредени.
Редакција Фронтлајн





