Во четири хрватски града – Загреб, Риека, Пула и Задар – точно напладне започнаа протестни маршеви во организација на иницијативата „Обединети против фашизмот“. Во Загреб, учесниците се собраа на Главната железничка станица, кај Споменикот на жртвите на холокаустот и усташкиот режим, од каде маршот се движеше кон Плоштадот Бан Јелачиќ.
На протестите беа истакнати бројни транспаренти и симболи, а особено внимание привлече црно знаме со нацртан череп кој носи сламен шешир – препознатлив мотив од поп-културата, кој последниве години станува сè почест на протестите ширум светот, пишува хрватски Index.
Станува збор за симбол преземен од култниот јапонски аниме и манга серијал One Piece, чиј почеток датира од 1997 година. Во фиктивниот свет на серијалот, ова знаме го носи група пирати што се спротивставуваат на корумпирани и авторитарни режими, што со текот на времето ѝ даде силно значење на отпор, бунт и слобода.
Првично, симболот почна да го користат протестни движења во Азија, а денес сè почесто се појавува на демонстрации во Европа и пошироко. За голем дел од припадниците на генерацијата Z, ова знаме претставува визуелен израз на пркос кон неправдите и надеж за поинакво општество.
Автор на One Piece е Eiichiro Oda, а серијалот држи светски рекорд како најпродавана стрип-серија од еден автор, со над 500 милиони отпечатени примероци глобално. Покрај анимето и мангата, приказната е адаптирана и како играна серија од Нетфликс, со што дополнително се прошири нејзиното културно и политичко влијание.
Присуството на овој симбол на денешните протести во Хрватска ја покажува врската меѓу поп-културата и современите форми на граѓански отпор, како и начинот на кој младите генерации артикулираат политички пораки преку глобално препознатливи визуелни знаци.
Редакција Фронтлајн






