Со прес-конференција одржана денеска во 11 часот во Граѓанскиот ресурсен центар во Скопје, ЦИВИЛ официјално ја започна деветдневната програма „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“, која ќе кулминира со меѓународна конференција на 12 декември.
Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ испрати силна, јасна и алармантна порака за состојбата на демократијата денес. Тој нагласи дека ова не е само уште еден настан, туку „повик за будност, за здружена акција, за обновена одговорност“.
Во обраќањето, Дерала недвосмислено укажа на драматично променетите околности во кои денес функционираат демократските општества.
„Живееме во време кога вистината е оспорена, кога човековите права се под закана, а демократиите – и дома, и во регионот, и ширум светот – се под силен притисок од војни, авторитарни режими и хибридни операции,“ истакна тој.
Тој потсети дека само до пред неколку години граѓанските организации, медиумите и институциите се занимаваа со промоција и развој на демократските вредности, но дека денес „оваа сфера станува сфера на одбрана – одбрана на вредностите, институциите и човековото достоинство“.
Дерала предупреди дека е неопходно европските и демократските држави да бидат решителни:
„Време е да се преземат итни и решителни чекори за да се стави крај на империјализмот, агресијата и авторитаризмот што ја загрозуваат безбедноста и го искривуваат јавниот дискурс.“
Програмата, која ќе трае од 5 до 12 декември, вклучува медиумски активности, јавни настапи, специјализирани работилници, експертски тркалезни маси и меѓународна конференција.
„Оваа програма гради мостови меѓу локалното искуство и глобалните предизвици; меѓу науката, новинарството, граѓанскиот сектор и дипломатската заедница,“ рече Дерала.
Клучни теми ќе бидат:
руските хибридни операции,
улогата на медиумите во пост-вистинското доба,
авторитарните влијанија во регионот и Европа,
експлозивниот развој на вештачката интелигенција во воени и информациски контексти.
„Ова се теми кои веќе ја дефинираат нашата иднина. И затоа мораме да ги разбираме, да ги анализираме и да делуваме,“ нагласи Дерала.
„Мораме искрено да се соочиме со прашањето: како дозволивме да се продлабочат ерозијата на демократските вредности и кризата на институциите? Не само кај нас, туку и во Европа и во светот“, изјави Дерала додавајќи дела овие негативни трендови не се изолирани, туку се дел од глобален судир меѓу демократијата и авторитаризмот:
„Демократијата не ја брани една организација, една институција или една генерација. Демократијата ја брани целото општество.“
Програмата го носи насловот „Хоризонти на слободата“, но според Дерала, тоа е многу повеќе од наслов – тоа е визија:
„Визија за општество во кое човековото достоинство е неприкосновено; во кое информациите се точни, институциите силни, а граѓаните слободни да живеат без страв и манипулации. Визија во која и најмалата држава има глас и место во семејството на демократии.“
Дерала упати порака дека демократијата треба активно да се брани и унапредува, а тоа е заедничка обврска на сите нас.
Б. Ј. / Цивил Медиа





