Министерството за правда соопшти дека Предлог Законот за Судскиот совет е официјално доставен на мислење до Европската комисија. По добивањето на европското мислење, законот ќе биде поднесен во собраниска процедура. Од ресорот посочуваат дека станува збор за „конструктивен и содржаен документ“ кој веќе добил позитивно мислење од Венецијанската комисија.
Според Министерството, со новиот закон се воведуваат значајни реформски решенија кои треба да ја унапредат транспарентноста, отчетноста и интегритетот на Судскиот совет. Меѓу клучните новини се предвидува јавност на постапките за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, при што секоја постапка ќе мора да биде транспарентна за јавноста.
Законот го прецизира и критериумот за избор на „истакнат правник“, а за првпат се воведува јавна расправа за кандидатите за не-судски членови, со цел да се зголеми јавниот надзор и одговорноста во процесот. Дополнително, се зајакнуваат критериумите за избор, одговорност и разрешување на членовите од редот на судиите, во согласност со препораките на ЕУ.
Министерството истакнува дека со предложените измени значително се унапредува целокупната правна рамка. „За првпат ќе има објективно оценување на работата на членовите, транспарентно носење одлуки и механизми за одговорност“, наведуваат од ресорот, додавајќи дека ова е една од клучните точки нотирани од Оценската мисија на Европската унија.
Со Предлог Законот, како што посочуваат, @РM директно одговара на препораките# од Брисел и прави чекор напред во зајакнување на независноста и довербата во судскиот систем.





