СДСМ остро реагира на информациите објавени во британскиот весник The Times, според кои Владата предводена од Христијан Мицкоски води разговори со Обединетото Кралство Македонија да стане базна дестинација за враќање мигранти. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, оцени дека станува збор за „антидржавно и национално предавство“ и предупреди дека договори од ваков тип се склучуваат „зад грбот на граѓаните“.
„Граѓаните на Македонија се во шок! Власта на Мицкоски подготвува анти државно и национално предавство.“ – рече Кузеска, коментирајќи ги написите во The Times.
Таа додаде дека сите деманти од Владата и ДПМНЕ се „потопени во вода“ по објавата на британските медиуми.
„Народот е вознемирен. И со право. Криминална власт заробена во корупција која секој ден ги лаже граѓаните се договара зад грбот на народот за штетни договори.“
Кузеска истакна дека евентуален договор со Британија за прифаќање мигранти отвора сериозни прашања поврзани со безбедноста и капацитетите на државата.
„Ова е сериозна национална и државна тема, врзана пред сè со безбедноста, стабилноста и иднината на државата.“
Таа го постави и прашањето што, според СДСМ, власта треба јавно да го разјасни:
„Ова ли е големата економска вест која Мицкоски ја најавуваше со наводниот договор со Обединетото Кралство? Дали за носење мигранти од Британија е направена безбедносна проценка? Зошто Британија ги одбила, а ние би ги примиле?“
СДСМ предупредува дека земјата нема капацитет да се справи со сценарио за трајно прифаќање мигранти.
„Развиени и финансиски силни европски држави како Шведска, Британија и Германија имаат огромен проблем со ова прашање. Ако тие не можат да се справат, нема да може ниту Македонија. Ова општество не може да го издржи ова. Нема цена што треба да се плати.“
Кузеска додаде дека аналитичарите на британските национални телевизии веќе ја споменуваат Македонија како можно трајно одредиште за дел од мигрантите.
Портпаролката на СДСМ смета дека премиерот и неговата влада ја доведуваат државата во ризик без мандат од граѓаните.
„Мицкоски и ДПМНЕ со нивните политики ги бркаат младите Македонци од државата, а сега планираат да носат мигранти од трети земји. Кој му дал дозвола на Мицкоски да преговара за мигранти? Никој!“
Во својата изјава Кузеска порача дека СДСМ ќе се спротивстави со сите ресурси:
„СДСМ со целиот свој капацитет ќе се спротивстави на овие анти државни политики на Мицкоски и ДПМНЕ. Ги повикуваме граѓаните заедно да се спротивставиме. За Македонија се работи! Не на антимакедонските политики на ДПМНЕ.“





