Министерството за внатрешни работи информира дека од утре, 17 декември 2025 година, граѓаните ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците доставени при регистрација на возилата, преку посебен шалтер во рамки на Одделот за граѓански работи во зградата на Македонската телевизија во Скопје.
Како што соопштува МВР, шалтерот ќе се наоѓа во приземјето на објектот и ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот. Услугата е наменета за граѓани кај кои настанала промена на контакт-податоците или за оние кои добиле известување со неточни информации во рамки на системот „Безбеден град“.
Од Министерството појаснуваат дека истата постапка ќе може да се изврши и во станиците за технички преглед на возила низ државата, каде што е распореден деташиран референт на МВР, со цел олеснување на пристапот за граѓаните надвор од Скопје.
Покрај тоа, граѓаните ќе можат по електронска пошта на адресата bezbedengrad@moi.gov.mk да достават писмени забелешки, прашања или нејаснотии поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“. Од МВР информираат дека сите пристигнати забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со јавноста.







