Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска од Брисел порача дека ќе побара поддршка од европските демократски и прогресивни сили за, како што рече, одбрана на демократијата и слободите во Македонија, по усвојувањето на Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието.
„Ви се обраќам од Брисел, затоа што борбата за слободата и демократијата во Македонија бараат акција и заедничко дејствување“, изјави Филипче.
Тој оцени дека донесената резолуција претставува сериозен удар врз демократскиот поредок во државата.
„Донесената срамна Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието е директен удар врз демократијата, слободата на говор, мислењето и политичкото дејствување“, нагласи Филипче.
Според него, ваквите одлуки го носат општеството во опасна насока.
„Кога парламент носи неуставна резолуција, против опозицијата, тогаш државата престанува да биде демократска и влегува во авторитаризам. Во режим“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче обвини дека власта има намера да ја замолчи опозицијата и да ја ограничи слободата на политичко дејствување.
„Власта сака да ја замолчи и да ја забрани работата на опозицијата, да создаде еднопартиска држава и да ја згасне слободата на говор“, изјави тој, додавајќи дека СДСМ нема да го дозволи тоа.
„СДСМ тоа нема да го дозволи, ќе ја одбраниме слободата и демократијата.“
Во Брисел, како што најави, ќе побара поддршка од европските партнери и сродните партии.
„Овде, во Брисел, ќе побарам поддршка од цела Европа, од сите прогресивни и демократски сили, од сестринските социјалистички и социјалдемократски партии“, истакна Филипче.
Тој повика на обединување на граѓаните во заеднички фронт.
„Време е за формирање единствен граѓански фронт – фронт за правда, слобода и демократијата“, рече Филипче, потенцирајќи дека тој фронт треба да ги надмине сите поделби.
„Фронт во кој сите, без разлика на партиска, етничка или идеолошка припадност, ќе застанеме како еден во одбрана на демократијата, слободата на говорот и мислењето, и во одбрана на Македонија.“
На крајот од обраќањето, тој упати повик за заедничка акција.
„Да ја одбраниме Македонија. Да ја одбраниме демократијата!“, порача Филипче.






