Настап на хуманоидни роботи на концерт во кинескиот град Ченгду стана вирален на социјалните мрежи и привлече внимание ширум светот, меѓу кои и од американскиот технолошки милијардер Илон Маск.
Шест хуманоидни роботи се појавија на сцената за време на концертот на кинеско-американскиот пејач и композитор Ванг Лихом, во југозападната кинеска провинција Сечуан. Роботите, облечени во сребрени костими, настапија заедно со пејачот додека ја изведуваше песната „Open Fire“, пренесуваат кинеските медиуми, пишува N1.
Видео-снимките кои се проширија на интернет прикажуваат како роботите синхронизирано изведуваат сложени движења, мавтање со рацете, удари со нозете, ротации и скокови, целосно усогласени со ритамот на музиката. Како кулминација на настапот, сите роботи истовремено изведоа акробатски салто, што дополнително ја засили реакцијата на публиката.
Според „Hangzhou Daily“, роботите се производ на компанијата Unitree Robotics, со седиште во Хангжу, која е позната по развој на напредни хуманоидни и четириножни роботи.
Impressive https://t.co/IacxCOxpki
— Elon Musk (@elonmusk) December 19, 2025
Настапот не помина незабележано ни кај Илон Маск, кој на социјалната мрежа X сподели видео од концертот и напиша дека роботите во Кина веќе прават сè, додавајќи коментар: „Импресивно“.







