Фондацијата на Меган Маркл и принцот Хари, позната како Archewell Philanthropies, отпушти дел од своите вработени во обид да ги намали трошоците, потврди портпарол на двојката.
Според информациите што ги објави Page Six, три лица, односно околу 60 проценти од вработените во организацијата, се отпуштени. Од кабинетот на војводата и војвотката од Сасекс потврдија дека станува збор за „редундантност“, односно вишок на кадар.
„Во моментов, истиот основен тим останува на позиција, но овој потег значи дека некои отпуштања се неизбежни, особено кај помладите административни позиции“, изјави портпаролот.
Од Archewell додадоа дека нема да навлегуваат во дополнителни детали за персоналните промени, нагласувајќи дека биле „почестени што соработувале со талентирани и посветени луѓе“.
Според Page Six, фондацијата била принудена да го намали бројот на вработени поради финансиски притисок и проблеми со одржливоста. Извори за медиумот тврдат дека Хари и Меган разгледувале различни сценарија за иднината на организацијата, вклучително и можност Archewell да престане со работа или да добие фискален покровител.
„Прашањето беше дали фондацијата ќе се затвори или некој друг ќе ја преземе. Сè изгледа како чад и огледала“, изјавил извор близок до процесот.
Финансиските извештаи покажуваат дека фондацијата во 2024 година имала трошоци од околу 5,1 милион долари, додека донациите изнесувале само 2,1 милион долари. И во претходните години, според документите до кои дојде Page Six, Archewell бележела дисбаланс меѓу приходите и расходите.
Минатата недела, Меган Маркл и принцот Хари објавија дека фондацијата официјално се ребрендира во Archewell Philanthropies, по повод петгодишнината од нејзиното основање, откако двојката се повлече од кралските должности и се пресели во Калифорнија.
Во соопштението по повод јубилејот се наведува дека мисијата на организацијата останува фокусирана на „глобалното ментално здравје и поддршка на заедниците“.
Редакција Фронтлајн








































































































