Власта предводена од Христијан Мицкоски забрзано се обидува да го стави под целосна политичка контрола обвинителството и судството, обвинува СДСМ.
Според партијата, целта на ваквите потези е „погребување на правдата“ и обезбедување заштита од одговорност за криминалните тендери што, како што наведуваат, се реализираат зад грбот на граѓаните.
„Изборот на новата в.д. државна јавна обвинителка е уште еден јасен доказ за ова сценарио“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ потсетуваат дека Анита Топалова Исајловска е обвинителка која, според нив, барала укинување на предметот „Талир“, во кој беше обвинет и поранешниот премиер Никола Груевски, а кој се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, од опозициската партија нагласуваат дека Исајловска е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик-министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали сега на сите им е јасно што се случува? Истото сценарио како во времето на Груевски“, порачуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека, според нив, ваквите обиди нема да успеат и дека одговорност за, како што велат, злоупотребите ќе има.







