Францускиот претседател Емануел Макрон остро ги осуди мерките на Соединетите Американски Држави со кои им се ограничува влезот во САД на поранешниот европски комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон и уште четири европски функционери, оценувајќи дека станува збор за „заплашување и принуда“ насочени кон поткопување на европскиот дигитален суверенитет.
Во објава на платформата X (поранешен Твитер), Макрон порача дека европските дигитални регулативи се резултат на „демократски и суверен процес“ во Европскиот парламент и Советот на ЕУ и дека тие важат исклучиво на европска територија.
„Правилата што го уредуваат дигиталниот простор на Европската Унија не се наменети да се одредуваат надвор од Европа. Заедно со Европската комисија и нашите европски партнери, ќе продолжиме да го браниме нашиот дигитален суверенитет и нашата регулаторна автономија.“, напиша Макрон.
France condemns the visa restriction measures taken by the United States against Thierry Breton and four other European figures.
These measures amount to intimidation and coercion aimed at undermining European digital sovereignty.…
— Emmanuel Macron (@EmmanuelMacron) December 24, 2025
Што стои зад спорот
Спорот се однесува на европските дигитални закони, пред сè Законот за дигитални пазари (DMA) и Законот за дигитални услуги (DSA), со кои ЕУ воведе строги правила за големите технолошки платформи – таканаречените „gatekeepers“ како Google, Meta, Apple, Amazon и X.
Овие регулативи имаат цел да обезбедат фер конкуренција, заштита на корисниците и транспарентност, како и принципот дека „она што е незаконско офлајн, мора да биде незаконско и онлајн“. Иако законите формално не се насочени против конкретна држава, најмногу ги погодуваат американските технолошки корпорации, што со години доминираат на европскиот дигитален пазар.
Американските визи-рестрикции кон европски функционери се толкуваат како политички сигнал и предупредување, во момент кога Брисел засилено ги спроведува новите правила и изрекува високи казни кон технолошките гиганти.
Порака за автономија
Макрон потенцираше дека Франција, заедно со Европската комисија и европските партнери, ќе продолжи да го брани правото на ЕУ самостојно да ги уредува своите дигитални политики.
„Заедно со Европската комисија и нашите европски партнери, ќе продолжиме да го браниме нашиот дигитален суверенитет и регулаторна автономија“, порача францускиот претседател.
Оваа изјава доаѓа во време на растечка трансатлантска напнатост околу технологијата, податоците и вештачката интелигенција. Додека САД се потпираат повеќе на саморегулација и пазарна логика, Европската Унија настапува со модел на строга правна рамка, ставајќи ги заштитата на граѓаните и јавниот интерес пред корпоративните слободи.
Случајот со визите дополнително го заострува прашањето: дали дигиталниот простор ќе се уредува според интересите на глобалните технолошки центри или според суверените одлуки на демократските институции.
Редакција Фронтлајн







