КСМ предупредува дека новите законски решенија одат во корист на извршителите и нотарите, додека статистиката покажува милијарди евра наплатени на грбот на граѓаните и фирмите
Конфедерацијата на синдикатите на Македонија (КСМ) остро реагира на најавените измени и дополнувања на Законот за извршување, оценувајќи дека тие се подготвуваат без суштинско учество на синдикатите и граѓанските организации и дека директно го загрозуваат интересот на граѓаните. Според КСМ, Министерството за правда заедно со извршители, нотари и адвокати формирало работна група која со месеци работи на законски решенија што можат дополнително да ги зголемат трошоците за наплата на основните животни обврски.
Претседателот на КСМ, Марјан Ристески, предупредува дека со измените се отвора можност долговите за комунални услуги – вода, паркинг, телефон, кабелска телевизија и други редовни трошоци – да се насочуваат преку нотари и извршители, наместо да се наплатуваат директно. Таквиот модел, според него, значи нови посреднички трошоци и дополнителен финансиски удар врз граѓаните, особено во услови на висока инфлација и ниски примања.
– Ова не е реформа во корист на граѓанинот, туку систем кој овозможува уште поголемо профитирање на грбот на народот. Залудно зборуваме за зголемување на платите ако значителен дел од тие пари завршуваат кај извршители и нотари, изјави Ристески.
Тој посочи дека работната група за измените е формирана уште во февруари, без присуство на синдикатите и граѓанскиот сектор, додека во процесот учествуваат банкарски организации, Народната банка на РСМ, Комората на извршители и нотари. Според КСМ, ваквиот состав на групата сериозно ја доведува во прашање социјалната чувствителност на предложените решенија.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и официјалните податоци од Годишниот извештај на Комората на извршители, според кои лани биле наплатени над 160 милиони евра од граѓани, компании и други должници – највисок износ од 2020 година наваму. Вкупната наплата во изминатите 19 години достигнува 2,08 милијарди евра, што, според синдикатите, јасно покажува колку е моќен и финансиски значаен системот на извршување.
Статистиката на Комората покажува дека околу 50 отсто од предметите за извршување се однесуваат на комунални долгови, што директно ги засега граѓаните. Потоа следуваат предметите за судски паушал, односно неплатени такси за прекршочни постапки во износи од 1.000 до 2.000 денари, како и предмети од облигациони односи меѓу граѓаните, правните лица и државата, која често се јавува како доверител.
Според наплатениот износ, најголеми должници се компаниите со 84,3 милиони евра, додека од граѓаните присилно биле наплатени речиси 47 милиони евра, а од државата 31,5 милиони евра. Овие бројки, според синдикатите, јасно покажуваат дека граѓаните се меѓу најпогодените категории во системот на извршување.
Во февруари годинава, претседателката на Комората на извршители, Весна Деловска, изјави дека бројот на барања за извршување е зголемен за околу 10 илјади предмети, откако Уставниот суд ја укина можноста за застарување на долговите. Токму застарувањето, според експертите и граѓанските организации, претставуваше важен механизам за заштита од злоупотреби, односно од „чување“ на предмети со години, по што се пресметуваат енормни камати.
Иако во средината на 2023 година беа донесени измени на Законот за извршување со кои се ограничи висината на каматата – таа да не може да го надмине главниот долг – синдикатите предупредуваат дека укинувањето на застарувањето повторно ја нарушува рамнотежата во корист на доверителите и извршителите. Потсетуваат дека за тие измени тогаш не гласаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
Од Министерството за правда, пак, ги отфрлаат тврдењата дека законот се подготвува нетранспарентно, нагласувајќи дека Предлог-законот за извршување ќе биде објавен на платформата ЕНЕР и ќе биде отворен за јавни коментари и забелешки.
Сепак, од КСМ сметаат дека ваквиот пристап е недоволен и дека вистинската заштита на јавниот интерес бара активно учество на синдикатите уште во фазата на креирање на решенијата. Тие најавуваат дека, доколку не бидат вклучени во процесот, по Нова година ќе организираат протести, вклучително и пред Министерството за правда.
„Законот за извршување мора да биде во функција на граѓанинот и општеството, а не на профитот. Ова е борба за социјална правда и заштита на достоинството на секој граѓанин“, порачуваат од Конфедерацијата на синдикатите.
Дестан Јонузи





