Владејачката ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение упати серија критики до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го за целосна отуѓеност од реалноста и водење на партијата кон бездна. Според партијата, опозицијата наместо да се соочи со сопствените слабости, се занимава со политички случувања во други држави за да најде лажна утеха.
„СДС и Филипче стануваат се поарогантни, а и делуваат целосно отуѓени од реалноста. Не се соочуваат никако со сопствените слабости, и покрај реакции од јавноста дека Филипче ја води партијата во бездна, и покрај тоа што нивни, сега поранешни, членови и функционери јавно се огласуваат за истото“, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека по изборите во Унгарија, Филипче се однесувал како лично да придонел за победата на партијата „Тиса“, иако таа е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, додека сестринската партија на СДСМ доживеала дебакл. Партијата потсети и на неколку ситуации каде тврдењата на опозицијата биле демантирани.
„Филипче имаше коментар за стратешкиот договор со Велика Британија, дека наводно договорот бил договор за носење мигранти во земјава. Откако беа демантирани од сите релевантни институции, па дури и од британскиот амбасадор во земјава, останаа без коментар. Владата преку тој договор ја постави Македонија рамо до рамо со големите светски сили. Ама јасно е дека на Филипче не му е дојдено до интересите на Македонија“, обвинуваат од владејачката партија.
Во соопштението се потенцира дека СДСМ се обидува да си препише заслуги за завршувањето на постмониторингот со Советот на Европа, проект кој ВМРО-ДПМНЕ го финализирала за помалку од две години власт, додека на претходната влада не и биле доволни ниту седум години.
„Никој освен Филипче не води црна кампања против СДС, и да, точно е дека Филипче и СДС се однесуваат како Алиса во земјата на чудата. Шират паника за работи кои не постојат, како тоа за мигрантите, и постојано се во контрадикција со реалноста, не им е јасно во која земја се опозиција, не им е јасно каде стојат со сестринските партии, не им е јасно кого поддржуваат“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ заклучуваат дека СДСМ се свела на 130 илјади гласови и дека со тековното темпо партијата ќе дојде до раб на исчезнување. „СДС и Венко Филипче да почнат да се занимаваат со партијата, затоа што со ова темпо ќе ја доведат до раб на исчезнување“, порачуваат од партијата.




