2025 ќе остане запаметена како година во која астрономијата не само што откри нови светови, туку сериозно ги разниша и темелите на нашето разбирање за универзумот. Од меѓуѕвездени посетители и можни траги од живот, до темна енергија што се однесува „непоучтиво“ кон теориите, ова беа осумте откритија што ја одбележаа годината, пишува Space.com.
1. Меѓуѕвездената комета 3I/ATLAS
Едно од највозбудливите откритија во 2025 беше појавата на кометата 3I/ATLAS, само третиот познат меѓуѕвезден објект што навлегол во Сончевиот систем. Откриена на 1 јули од телескопот ATLAS во Чиле, кометата се движеше по хиперболична орбита со брзина каква што не е забележана кај ниту една досега позната комета. Нејзиниот хемиски состав е сличен на оној на „домашните“ комети, но со суптилни разлики – повисок сооднос на јаглерод диоксид во однос на водата и необичен баланс меѓу никел и железо – што дава вредни траги за ѕвездениот систем од кој потекнува.

2. Раѓањето на супермасивните црни дупки
Податоците од вселенскиот телескоп Џејмс Веб конечно понудија убедливо објаснување за мистериозните „мали црвени точки“ во раниот универзум. Наместо мали галаксии или ѕвездени јата, научниците сега сметаат дека станува збор за супермасивни црни дупки во фаза на раѓање, обвиткани во густи облаци гас. Ова откритие отвора сосема ново поглавје во разбирањето на тоа како толку масивни објекти можеле да се формираат помалку од милијарда години по Големата експлозија.

3. Темната енергија можеби слабее
Податоците од инструментот DESI (Dark Energy Spectroscopic Instrument) донесоа едно од најконтроверзните научни прашања на годината: дали темната енергија навистина е константа? Анализата на повеќе од 13 милиони галаксии и квазари сугерира дека темната енергија била посилна во минатото и дека почнала да слабее пред околу 4,5 милијарди години. Ако ова се потврди, ќе значи дека нашите космолошки модели мора сериозно да се ревидираат.
4. Биосигнатури – од Марс до далечни светови
Во 2025, прашањето за живот надвор од Земјата доби нова тежина. Роверот Perseverance на Марс откри таканаречени „леопардски точки“ – светлосни дамки опкружени со потемен материјал, структури што на Земјата често се поврзуваат со микробиолошка активност. Истовремено, на егзопланетата K2-18b, Џејмс Веб регистрира присуство на диметил сулфид, гас што на Земјата најчесто го создаваат живи организми. Иако научната заедница останува претпазлива, овие откритија повторно ја разгореа дебатата за животот во космосот.
5. Нови егзопланети во најблиското соседство
Астрономите во 2025 направија значаен чекор напред во откривањето планети околу најблиските ѕвезди. Кај Барнардовата ѕвезда беа потврдени четири мали, карпести планети, додека кај Алфа Кентаури А се појавија најсилните досегашни индиции за постоење гасовита планета со маса слична на Сатурн. Иако овие светови не се погодни за живот каков што го познаваме, нивното откривање покажува колку е динамично нашето космичко соседство.

6. Судирот меѓу Млечниот Пат и Андромеда под знак прашалник
Децении наназад се сметаше дека судирот меѓу нашата галаксија и Андромеда е неизбежен. Новите симулации, кои ги земаат предвид и гравитациските влијанија на други галаксии, покажуваат дека шансите за судир се околу 50 проценти. Можно е двете галаксии едноставно да поминат една покрај друга, без катастрофален спој.
7. Најмасивната црна дупка досега?
Во центарот на галаксијата позната како Cosmic Horseshoe, астрономите измерија црна дупка со маса од околу 36 милијарди сончеви маси – можеби најмасивната досега директно измерена. Ова откритие фрла ново светло врз екстремните гравитациски процеси што управуваат со најголемите структури во универзумот.

8. Првото светло на опсерваторијата Vera C. Rubin
По повеќе од 25 години планирање, опсерваторијата Vera C. Rubin во Чиле конечно го „отвори окото“ кон небото. Со својата 3,2-гигапикселна камера, телескопот веќе во првите снимки покажа дека ќе биде клучна алатка за следење на темната материја, темната енергија и милиони променливи космички појави. Во следната деценија, оваа опсерваторија се очекува да донесе вистинска лавина нови откритија.

2025 беше година што не нè научи само нешто ново за универзумот, туку нè потсети колку малку всушност знаеме. Космосот останува непредвидлив, а токму во таа неизвесност лежи неговата најголема привлечност.
Редакција Фронтлајн









